Во пресрет на средбата на шефовите на македонската и грчката дипломатија со медијаторот Метју Нимиц, грчките весници „Катимерини“ и „Та неа“, во нивните денешни изданија објавуваат слични анализи, околу можно сценарио за постигнување договор и одреден временски период за ратификација од македонска страна, јави дописничката на МИА од Атина.
Да ѝ се даде доволно време на Македонија за да го одобри ерга омнес и да направи уставна ревизија предвидува сценариото што според „Катимерини“, во последните денови се разговара меѓу Атина и Скопје.
„Врз база на ова сценарио, кога ПЈРМ ќе ги одобри овие две предвидени точки, особено важни за Атина, тогаш автоматски соседната земја ќе се приклучи во НАТО и ќе ги започне пристапните разговори со ЕУ (секако, доколку Брисел упати соодветна покана)“, пишува „Катимерини“.
Весникот додава дека на денешната средба на Никола Димитров и Никос Коѕијас, двајцата министри ќе треба, освен добрата волја, што е факт, да најдат и рамка што ќе доведе до договор и поклопување на позициите, за да може следната недела да се одржи нова средба на премиерите на двете земји во Софија.
Според „Катимерини“, за придвижување кон договор, за Грција неопходно е да се исполни условот за името да биде ерга омнес.
„Според Атина, не треба да постои никаков прозорец, па дури и во внатрешноста на ПЈРМ, во кој земјата изолирано ќе го користи терминот „Македонија“. Сѐ ќе треба да упатува на новото име, без разлика дали тоа ќе биде „Горна Македонија“ или некое друго“, пишува весникот и додава дека ерга омнес води до промена на Уставот.
Како што претходно објави МИА, со слично сценарио, но со додатна информација за временски рок од две години за имплементација, излезе и грчкиот весник „Та неа“.