Беса на Билал Касами ќе ги прекине преговорите за влез во Влада доколку премиерот Зоран Заев ги пролонгира разговорите и во најкус рок не им понуди ресорно министерство, брифира за Плусинфо висок функционер на скопското крило на партијата. Премиерот, пак, и денeска изјави дека нема ништо ново околу реконструкцијата на Владата.
И додека Заев чека одговор дали за партиите со кои преговара за влез на Илинденска се прифаливи понудите кои ѝ ги ставил на маса, Беса на Касами со една нога веќе е надвор од преговорите, Беса на Африм Гаши чека да се допрецизира понудата, а не се изјаснува ниту ДПА на Мендух Тачи.
– Ако премиерот ги одолговлекува преговорите прашање на ден е да обелодениме дека за нас разговорите се завршени. Заев треба да ја прецизира понудата откако му соопштивме дека без ресорно министерство не влегуваме во владата. Предолго трае процесот и нема да дозволиме да бидеме паричка за поткусуривање – вели за Плусинфо функционерот на Беса на Касами.
Заев им понудил заменичко место во ресорот транспорт и врски, кое Беса го одбила. Според партиски извори, премиерот им ветил нова комбинација, но до денеска не ја добиле.
За Беса на Гаши понудата била Министерството за култура. Од партијата потврдуваат дека имаат понуда за ресорно министерство, но не прецизираат кое. Неофицијално, за нов министер за култура од Беса се споменува поранешниот пратеник и кандидат за градоначалник на Чаир, Зекирија Ибрахими.
– Шпекулација, не сме стигнале уште до ресори и имиња за министри. Сѐ уште нема конкретна понуда. Има само различни теми на кои се водат разговори – изјави Орхан Муртезани од Беса.
И од партијата на Тачи официјално нема никаква потврда дали ќе станат дел од владиниот кабинет на Заев. Понудата за ДПА е министерството без ресор, кое ДУИ го чува за Тачи откако Рамиз Мерко стана градоначалник на Струга. Неофицијално, за министер од ДПА се споменува поранешниот пратеник Имер Алиу. Но и ДПА веројатно не е многу задоволна со понудата и типува и за вицепремиерското за реформи.
Новиот ресор за реформи, според наши информации, засега не е понуден. Заев го чува веројатно како адут за да ги задоволи апетитите на сите партии, и нема да биде изненадување вицепремиерското за реформи да му биде понудено на Касами, доколку премиерот е решен и двете Беси и ДПА да станат дел од Владата.
Од друга страна, реконструкцијата ќе предизвика рокади и откажување на ресори кај актуелните владини партнери СДСМ и ДУИ.
Речиси е извесно дека СДСМ и ДУИ ќе си ги разменат ресорите правда и образование. Во правда најверојатно ќе седне актуелната министерка за образование Рената Дескоска. На нејзиното место, најсериозен кандидат од ДУИ е Аднан Јашари, поранешен министер и пратеник, но во игра се и заменикот на Десковска, Арбр Адеми, а се шпекулира дека и актуелни министри од ДУИ, како вицепремиерот Бујар Османи бил заинтереиран за ресорот образование оти во СЕП ја завршил мисијата. Од Османи не добивме потврда или демант на информациите.
Според извори од партиите, реконструкција се одолговлече, бидејќи ДУИ освен министерството без ресор не сака да отстапи други свои позиции за новите партнери и чека Заев да го стори тоа. Освен рокадата на правда со образование, СДСМ најверојатно ќе се откаже од култура а можеби и од земјоделие оти веќе се шпекулира дека министерот Љупчо Николовски ќе седне во столчето на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски. Но, поверојатно е дека СДСМ ресорот земјоделство ќе го задржи.
Тврдите позиции на владиниот партнер Али Ахмети за ресорите, велат нашите извори подолго време го кочат влезот на Демократска партија на Турците во Влада иако веќе е договорен пакетот со нив. ДПТ ја добива заменик-министерската позиција во труд и социјала и пет директорски места, но ДУИ одбива да го тргне својот директор и процесот е закочен.