Касами и Тачи на средба за предизборна соработка, на ред е Ахмети

1342

Можна предизборна коалиција помеѓу ДПА и Беса е една од темите за кои вчера разговарале лидерите Мендух Тачи и Билал Касами во тетовски ресторан, потврдува за Плусинфо функционер од Беса.

И додека во Собранието во ек е расправата за уставните амандмани и неизвесноста дали ќе се обезбеди двотретинско мнозинство за отворање на Уставот, двајцата лидери го опипувале пулсот за можна соработка доколку изборите станат единствена опција за постреферендумската криза.

Функционерот на Беса брифира дека Касами деновиве ќе се сретне и со лидерот на ДУИ Али Ахмети. Касами ќе бара поддршка од Ахмети за барањето на Беса доколку се отвори Уставот и нивните амандмани за Албанците да не бидат застапени со процент во највисокиот правен акт, бидат во пакет со уставните амандмани за името.

Доколку пак, има избори Касами ќе бара од Ахмети ДУИ да не биде на заеднички листи со СДСМ на предвремените парламентарни избори.

Со Тачи, Касами зборувал и за можноста за единствен настап на албанскиот политички блок на евентуалните предвремени избори. Според функционерот на Беса, Тачи немал против таквата опција доколку во блокот не биде Алијансата за Албанците на Зијадин Села.

Опцијата албанскиот политички блок на изборите да истрча со заеднички листи, како што веќе објави Плусинфо, веќе била на маса на Централното претседателство на ДУИ.

За партијата на Ахмети најмалку прифатлива опција е на избори да одат со заеднички листи со СДСМ и коалицијата.

И покрај обидите од ДПА не успеавме да добиеме потврда дали Тачи и Касами разговарале за опциите за соработка за евентуалните предвремени избори.

Фото вест за средбата помеѓу Тачи и Касами објави порталот faktiditor.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...