Карпошани сега имаат каде да го однесат кабастиот отпад

1528

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев и директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје Абдусамед Шабани, денеска беа во обиколка на Центарот за селекција на отпад, кој се наоѓа во Карпош 3, долж булеварот Илинден, каде што граѓаните можат да го донесат и да се ослободат од кабастиот отпад (застарен мебел, електронски и електричен отпад,) со што, не би се создавале диви депонии и би се придонело кон почиста животна средина.

Богоев ја промовираше кампањата што Општина Карпош ќе ја спроведе во сите населби на своја територија, со која преку информативни постери и флаери граѓаните ќе ги добијат сите потребни информации за правилно фрлање и одлагање на секој вид отпад.

– Десет службеници кои работат во рамки на урбаните заедници добија овластување за комунални редари, со што се зголемува теренската контрола и санкциите за оние кои свесно ја загадуваат животната средина. Сите носиме одговорност за заштита на околината, а Карпош со сите ресурси делува во оваа насока – рече Богоев.

Како што соопшти Општина Карпош, електронскиот и електричниот отпад може да се одложат и во пунктовите во Влае 2, до игралиштето кај мостот „Обединети нации“ и во Центарот за селекција на отпад на ЈП КХС или да се пријават на 070/236-000 и отпадот да се подигне од страна на Друштвото за управување со отпад „Нула отпад“.

На веб страната на Општина Карпош е поставен банер, преку кој граѓаните и по електронски пат можат да ги добијат потребните информации за правилно одлагање на отпадот, да пријават дива депонија или оган на отворено.

Преку телефонската линија 0800/222-33 жителите на Карпош имаат можност да договорат одлагање на отпадот од нивното домаќинство при што оваа услуга се наплаќа.

Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, Абдусамед Шабани се осврна на редовните активности на јавното претпријатие, а најави и чистење нови депонии во Карпош.

– Нашата соработка со општината Карпош претставува само дел од кампањата што ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје ја започна за подигнување на јавната свест за важноста и значењето на правилното одлагање на отпадот. Во оваа прилика им се заблагодаруваме на сите јавни личности што прифатија да учествуваат во нашата кампања и да ја пренесат пораката до граѓаните дека секое несовесно и неправилно одлагање отпад на јавни површини резултира со создавање диви депонии што ја загадуваат животната средина – рече Шабани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...