Кардин: Грција шири загрижувачки трендови со нерешавење на спорот со Македонија

1099

Американскиот сенатор од демократите Бен Кардин синоќа порача дека Грција треба да биде решавачки фактор во решавање на отворениот спор со Македонија, а не да подржува трендови за дестабилизација на регионот, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

На прашање од МИА дали САД треба да ја притиснат Грција да не ја блокира поканата за Македонија од НАТО на следниот самит на воената алијанса и дека тоа се прави со подршка од Кремљ, Кардин изјави дека од Грција доаѓаат загрижувачки трендови.

– Ова го имам нагласено повеќепати досега. Посакувам да видам резултат од спорот со (името на) Македонија. Знам дека тоа е предизвик и за Македонија и за Грција. Но регионот ќе има голема корист доколку се реши тој спор – изјави Кардин.

Американскиот сенатор синоќа се обрати во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон во дискусија посветена на економските и политичките ефекти врз Русија од американските и европските санкциите, воведени пред четири години. Дел од дискусијата беше насочена кон Западен Балкан, каде Москва енергично и со сите дипломатски средства се спротивставува на ширењето на НАТО и интеграцијата на тие земји во ЕУ.

Во однос на Србија, Кардин додаде дека патот кон ЕУ интеграција што оваа земја го започна во последно време бил успорен благодарејќи на Русија.

– Москва декларира дека Србија и регионот се во нејзина сфера на влијание, го оформува јавното мнение таму и тоа се ефектуира во контролира врз политиката на Белград. Тоа го прави доста успешно, со што го успорува интересот на Србија за интегрирање во ЕУ, изјави сенаторот.

Тој укажа дека сојузниците имале многу среќа во однос на Црна Гора, која денеска е посветен НАТО партнер.

– Тие успееја да го надминат сериозниот руски предизвик со организација и финансирање на воен пуч во таа земја кој фала Богу не успеа. Би било здраво за регионот и Босна и Херецеговна и Косово да ги надминат сите домашни предизвици.

Кардин резимираше дека регионот е втурнат во повеќе проблеми како дополнение на сложената ситуација пошироко и дека Москва ги користи тие проблеми во своја полза.

– Русите се задоволни кога постојат такви проблеми. Тие се среќни кога во Европа не постои единство, како со исходот од референдумот за Брегзит во чија кампања Русија беше замешана. Тие би биле среќни да видат какви било работи кои во Европа и во трансатлантското партнерство сејат раздор – изјави Кардин за МИА.

Фото: EPA/FRIEDEMANN VOGEL

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...