За претседателката на Институтот за човекови права и поранешна судиjка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, најновиот случај со прислушувани телефонски разговори во зградата на Републичкото Јавно обвинителство е неприфатлив. Таа се надева дека истрагата ќе ги даде потребните одговори.
– Има многу прашања кои треба да се разрешат и се надевам дека истрагата ќе даде одговор. Веќе се во оптек многу прашања – кој дозволил и ја поставил таквата опрема и со која цел, дали и колку се прислушувани… Сето тоа се работи кои во моментов не можам да ги коментирам затоа што немам доволно факти да ги елаборирам, но во секој случај ова е многу непријатна работа – изјави Цаца Николовска одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на денешната дебата „Дали новите реформи ќе ги решат старите предизвици во судстството“.
Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, Зоран Караџовски вели дека треба да се утврди што точно е направено и дали на законски или незаконски начин е прислушувано.
– Ако е направено на незаконски начин, треба да се одговара – рече Караџовски, додавајќи дека кај нив централата е толку стара што нема шанса да има уред за прислушување.
Случајот со прислушувањето на фиксните телефонски линии во зградата на Републичкото јавно обвинителство на 30 ноември го обелодени државниот јавен обвинител, Љубомир Јовевски.
Тој кажа дека сите фиксни броеви од телефонската централа во ЈОРМ биле прислушувани од 30 септември 2016 година, но оти има индиции дека почнало уште во 2013.