Капитулација

Истата партија што влечеше за врат и за уши, праќаше цели семејства во ендек, тепаше, затвараше и крадеше избори, сега даде „дозвола“ да се гласа слободно. Очекувано, но секако смешно. Уште во комбинација со смешните оделца, плачни фаци и пелтечењето... Урнебесно смешно.

797

Полноќната капитулацијата на Мицкоски и неговата екипа може да биде одлична инспирација за сценаристите на Монти Пајтон. На пример, еден наслов од типот на „ВМРО и Светиот Грал“ би бил едно успешно филмско достигнување во светот на урнебесните комедии за политиката, додека „Житието на Мицкоски“, сепак ќе биде далеку пократко, но не помалку смешно од „Житието на Црни Грујо“.

Количината гротескни и комични ситуации во кои западна разбојничката врхушка на ВМРО-ДПМНЕ од мигот кога им тргна колата прудолу ги надминува димензиите на нашата земја по број на жители, површина и важност, но тоа (нели?) и не се некои пресудни критериуми за глупоста. Само две работи се бескрајни, универзумот и човечката глупост, но не сум сигурен за првата, кажа еднаш големиот Ајнштајн…

Два пати ја гледав снимката од прес конференцијата на Мицкоски и претежно машките кукли околу него, еднаш со тон, а еднаш без него. Говорот беше блед, веќе слушнат и очекуван, со промашена тема. Кога ја гледав без тон, снимката ми кажа многу повеќе.

Говорот на телото на говорникот и речиси неподвижните фигуринки околу него, изразите на лицето, погледите… Една супер смешна сцена на капитулација. Како мала театарска група од некое мало село што никако не успева да го увежба вториот чин, а во првиот мораат да стојат со плачни изрази на лицето. Секој момент очекувате дека од плафонот ќе му слета некоја чавка на говорникот и ќе го избербати, па заедно со солзите ќе течат и други секрети или некоја од фигурите ќе почне да игра балет, нешто… Ама ништо. И на крај аплауз што самите си го даваат. За нешто. Ама ништо. Некои позајадливи колеги со послободен речник денеска сигурно ќе спомнат многу изрази што се врзуваат со полни гаќи и слично. И ќе бидат во право.

За политичките импликации на оваа гротескна полноќна капитулација непотребно е да се говори, бидејќи тие беа јасни уште на почетокот на „длабинските анализи“ на марионетското раководство на ВМРО-ДПМНЕ. За овој лош говор и за ставот дека граѓанките и граѓаните на Македонија треба да одлучат според својата совест, знаевме дека е испринтан со недели наназад и дека #МицкоТакис само ќе треба да го прочита, макар и лошо. И бледо.

Дел од комедијата е и „историската дозвола“ што дојде од грдата палата на политичките гревови – луѓето да гласаат слободно. Истата партија што влечеше за врат и за уши, праќаше цели семејства во ендек, тепаше, затвараше и крадеше избори, сега даде „дозвола“ да се гласа слободно. Очекувано, но секако смешно. Уште во комбинација со смешните оделца, плачни фаци и пелтечењето… Урнебесно смешно.

Ова, сепак, не е мал успех за ВМРО-ДПМНЕ и за Мицкоски. Тој се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел, една од најмоќните и највлијателните политичарки во светот денес. Не е мала работа. Па таман и да му врзала две-три врели, оние што Грујо ги нарачуваше, ова е сериозна ставка во комичното политичко портфолио на Мицкоски. И, да не заборавиме, ова е вовед во целосна демисија на Фамилијата од ВМРО-ДПМНЕ, а партијата деновиве има најголема шанса да се опорави од долгогодишното заробеништво, да стане модерна десничарска партија, макар и антипатична; пристојна опозициска партија со кредибилитет да критикува и да се бори за наклоноста на гласачите. Без насилство. Но, да се вратиме на комедијата и да ја завршиме.

Филмот во продукција на генијалците собрани околу Монти Пајтон, би можел да заврши со сцена од некоја здодевна голема соба со бели ѕидови во чиј агол, обвиткана со пајажина има една голема саксија со фикус чии листови се полуисушени паднати. Од далечина се слуша глас: „Хорхе! Хорхеее! Пецедателееее!“ и така неколку пати. На крајот се појавува Џон Клиз до фикусот и вели: „The President is not sane at the moment“ (Претседателот не е нормален во моментот.) со тврд руски акцент. Фејд аут.

Можев и нешто посмешно да смислам, како на пример, Груевски кога вели дека сево ова само го прави посилен. Ама на германски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...