Кандидатот за еврокомесар за проширување и соседска политика, Ласло Трочањи, кусо се објасни пред новинарите пред да започне неговото сослушување во Европскиот Парламент.
Трочањи денеска ќе одговара на прашања на комисијата за правни прашања на Европскиот Парламент околу конфликт на интереси поврзан за неговата адвокатска фирма и неговиот министерски мандат.
Во прашање се доведуваат врските на Трочањи адвокатската фирма “Наги ес Тричањи„ која ја засновал во 1991. За време на министерскиот мандат тој се занимавал со предмети во кои неговата фирма имала директен интерес, пренесуваат невладините организации кои работат на овие прашања во Брисел. Европратениците ќе се интересираат за договорите помеѓу фирмата и владата.
Во изјава за новинарите пред да започне седницата на комисијата, Трочањи порача дека неговите активности во оваа фирма се замрзнати од 2007.
– Првиот пат кога станав амбасадор во Белгија и Луксембург и вториот пат кога унгарскиот парламент ме избра за уставен судија во 2007, бев на неплатен одмор со што моите активности во “Наги ес Трочањи“ се суспендирани од 2007. Бидејќи бев на неплатен одмор, тоа значи дека не сум добивал плата од адвокатската фирма, ниту било каков вид исплата ми била доделена од страна на фирмата – вели Трочањи.
Истражувањата на унгарските медиуми покажуваат дека Трочањи вработил еден од директорите на фирмата како негов советник, Тибор Богдан, што му дало можност на Богдан да биде присутен на владините седници.
Во овој дел кандидатот за комесар не се изјасни во изјавите пред сослушувањето, но не е исклучено тој да биде испрашуван за ова.
– Додека бев министер за правда помеѓу 2014 и 2019 “Наги ес Трочањи“ одби било каква нова работа од унгарската влада иако соработката продолжи во делот на постоечките предмети – стои во изјавата на унгарскиот кандидат.
Сослушувањето на Трочањи треба да започне секој момент во Брисел, пред него беше испрашувана романската кандидатка, Рована Плумб, за која комисијата за правни прашања има исто така дилеми за потенцијален конфликт на интереси. Извори во Парламентот тврдат дека не е исклучен договор помеѓу Социјалистите на кои им припаѓа Плумб и Демохристијаните кои го поддржуваат Трочањи за да поминат двајцата комесари. Но, Либералите, Зелените и радикалната левица се очекува да се спротивстават на унгарскиот кандидат.
Парламентот не гласа поединечно за секој од назначените комесари, туку за севкупниот состав на Европската Комисија, меѓутоа, по сослушувањата политичките групи ќе му стават на знаење на претседателот на Парламентот и на Европската Комисија кои кандидати се неприфатливи. Претседателката на Комисијата потоа ќе треба да даде нови предлози.
ФОТО: EPA / STEPHANIE LECOCQ