Телевизијата Канал 5 истражува дали дел од новинарите на 1ТВ покрај високите хонорари, добивале и рекламно време.
ТВ Канал 5 објави дека денеска добила информација од веродостоен извор дека, како што наведува, најмалку двајца од елитните новинарски пера на 1ТВ, во своите авторски договори, покрај паричниот надоместок, добиле нешто што е речиси непознато за ТВ автори физички лица – рекламно време.
„Еден од нив добил 2 минути рекламен простор неделно во својата емисија, а вториот 2 минути во својата неделна емисија, и уште 2 минути надвор од авторската емисија. Рекламното време како евентуален дополнителен надомест може да му биде понудена на автор – физичко лице, но тоа ќе создаде огромен број облигациони односни меѓу авторот, клиентот кој ќе се рекламира и медиумот“, пишува Канал 5.
Телевизијата ќе продолжи да ја истражува оваа трага во насока дали новинарите ги реализирале овие реклами, дали имале соодветни договори со клиентите во кои се опишани облигационите односи, дали и фирмите на клиентите ги книжеле тие евентуални реклами, по кои цени се продавале рекламите и тн., како и дали евентуалните приходи остварени преку рекламно време се пријавени во годишните даночни пријави во УЈП и дали е платен соодветен данок?
Канал 5 ги повикува ЗНМ и претседателот Младен Чадиковски, како и Советот на етика при медиумите на Македонија да ги проверат овие наводи и доколку се вистинити да ги повикаат државните институции на правовремена и брза институционална реакција.