За почеток, да расчистиме една работа г. Заев. Поправо „работичка“, како што би рекол покојниот Чинго. Досега, во својот живот јас не сум фатил камшик в рака и немам намера да фатам. Значи, од мене „камишикар“ ич не бидува. Особено некој безмилосен и бездушен. А ќе ви кажам и зошто, г. Заев.
Има еден Војнов во славна драма (Les Juts) на Ками кој сетил, на своја кожа, што е тоа руски кнут (камшик) на бездушен Держиморда на цар Николај II. Лузните од тој камшик се врежеле толку длабоко во неговата кожа што стигнале и до неговата кротка и милостива душа, каква што била дотогаш. Таа душа со лузни потоа станала душа на фанатик-терорист. Тој го убива дури вујкото на цар Николај. Еден кроток човек со меко срце, како Вашето г. Заев. Ова Ви го пишувам затоа што сам рековте дека Вам и на Вашите министри им требало некој строг „камшикар.“ За да не подлегнувале на искушението-власт што се сонува и која ви паднала Вам и на Вашите в рака како седумка на лото.
Ако, како што Ви реков, од мене „камшикар“ не бидува, тогаш се занесувам дека барем малку ме бидува со зборовите. Понекогаш, тие се замена за камшик како што верува Сашо Орданоски, а тоа Ви го напиша еднаш. Ако не се лажам, тој напиша дека ако не ве „отепа од критика“ Вас и Вашата власт, тогаш ќе ве „направи посилни“. Ви признавам веднаш. Го немам талентот на Сашо за брза и остра, безмилосна критика. Ако имам и јас некој талент, „талентче“ што би рекол веќе спомнатиот Чинго, тоа е „талентче“ кое доловува слики. Поправо „сликички“ и – толку, и „тоже подобно“ што би рекол Војнов на Ками.
Тие „сликички“ се како одраз во „кривое зеркало“ (Чехов) кое прави убав од грд човек што тешко излегува на крај со себеси, и грд од убав човек, како оној Зверков на Достоевски во неговите „Записи од подземјето“. Значи, работата на моите скромни зборови, поправо – „зборчиња“ е тивка работа на она „кривое зеркало“ на Чехов и јас верувам дека тие се подобри од „камшикар“ кој остава длабоки лузни врз кожа што слегуваат до – душа. Добро, не – подобри. Ако веќе реков „подобри“, тоа е само затоа што се – мои. А како мои можат барем малку да помогнат кога, веќе, немам некој афинитет за – камшик.
Вие сте, г. Заев, еден убав човек. И однадвор и однатре. И по физиономија и по душа. Изгледа, Вашата душа ја обликува Вашата физиономија како што таа ја обликува Вашата душа. Постои видлива хармонија меѓу Вашиот внатрешен и надворешен лик. Или, како што го викаше тоа писателот-филозоф Сартр: полна согласност меѓу être (сушност) и paraïtre (изглед). Значи, кога Господ делел такви работи, не штедел кај Вас. Ви доделил со двете раце, а и згора на тоа.
Со тие работи јас не стојам баш најдобро. Можеби токму затоа јас барам некое „засолноште“ (Л. Колаковски) во зборови и зборчиња, во слики и сликички, во „кривое зеркало“ со кое ги отстранувам своите надворешни недостатоци, во надеж (попуста, залудна?) дека на тој начин ќе ја смирам и својата немирна, вознемирена и пргава душа. Како и да е, јас си го носам со себе своето „кривое зеркало“ затоа што тоа „зеркало“ е мојот камшик в рака. Ќе се послужам со него кога, веќе, барате „камшикар“ за Вас и за Вашите министри.
Значи, си допуштам слобода да го поставам пред вас тоа „кривое зеркало“ во надеж дека ќе Ви послужи. Да, тоа ќе ве нагрди. Можеби повеќе одошто треба. Ама јас ја разбрав таа Ваша потреба од „камшикар“ помалку да грешите како власт и влада, повеќе да им служите на оние што ви дале власт, а помалку да се служите со власт за – себеси. Ако разбрав добро, и Вие и Вашите министри веќе сте подлегнале на искушението – власт. Кога не би било така, кога не би сте подлегнале, тогаш не би ни барале безмилосен – „камшикар“.
Па сега, да видиме што кажува тоа „кривое зеркало“. Колку за почеток, само за Вас. Ги тргам настрана Вашите министри. Нека почекаат. И онака се тие под Вас, а не Вие под нив. Макар што, кога ќе начекаат некој со меко срце како Вашето, нема да се колебаат ако не да се издигнат над Вас, тогаш барем да бидат на рамна нога со – Вас. Ни тоа не е толку безопасно, колку што изгледа. Оти, нели, тие се толку многу, а вие – еден? Додека Ви го пишувам ова, моето „кривое зеркало“ сврши работа и еве го неговиот рапорт. Накусо.
Вие зборувате многу за реформи. Темелни, сеопшти, здрави. „Зеркалото“ вели дека треба да зборувате толку колку што – правите. Не! Не вели дека треба помалку да зборувате, а повеќе да правите. Вели, дека требало да почнете со нешто што Ви е прирака. Ама ете, Вие не сте почнувале затоа што не сте сакале некоја грда слика, поправо сликичка, за Вашиот убав лик. А без тоа не се можело затоа што немало човек на овој свет кој не бил барем малку – грд.
А што може да каже дека и Вие сте биле барем малку грд?
Да речеме, Вие сакате да дадете пример за Вашите министри. Вие ја распуштате својата армија од 50 и кусур советници која Ве турка во близина, во опасна близина на Груеску. Врз основа на што обичниот свет заклучува дека и Вие сте биле „ист.“ Дека не сте се разликувале од него. Иако сте Вие демократ, а тој – автократ. Народ, како народ? Кој да му погоди? Кој да му затне уста?
Сега, мене ми се чини дека има вистина во тоа што го вели моето „кривое зеркало“. Можеби тоа е – „вистиничка“. Ама и таа боли. Безбели, како и висината – безмилосна критика на Орданоски. Нека биде толку, за почеток г. Заев.