Камчев, Панделески и Јосифовиќ излегуваат од куќен притвор, останува уште Мијалков

Додека не се реши статусот на ова обвинителство или додека предметите останат во нивна надлежност, сите одлуки, а и пресуди кои ќе стигнат до највисокиот суд практично ќе паднат

1703

Тројцата осомничени во случајот „Империја“ на СЈО, Орце Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, се ослободени од куќен притвор со одлука на Врховниот суд кој ги прифатил нивните жалби за одлуката на Апелација со која тие претходно добија куќниот притвор, дознава неофицијало Плусинфо.

Според нашите информации, одлуката била донесена денеска.

Укинувањето на куќниот притвор попладнево го потврдија и од Врховниот суд напоменувајќи дека тројцата осомничени се пуштаат на слобода веднаш штом ќе го добијат решението.

Во куќен притвор за овој случај на СЈО останува само Сашо Мијалков. За него во петокот апелациските судии го продолжија притворот од 30 дена, но и неговата одбрана најави дека ќе поднесе жалба до Врховен.

Одлуката за укинување на притворите следува откако на 30 јануари највисокиот суд донесе начално правно мислење дека Катица Јанева и нејзините обвинители не се овластени тужители за предмети и за истраги отворени по истекот на 18 месеци откако ги презеле „бомбите“, рок кој истече на 30 јуни 2017 година.

Ваквото начално правно мислење е обврзувачно само за судиите од Врховен кои и ја донесоа одлуката за ослободување на Камчев, Панделески и Јосифовиќ.

„СЈО може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите од негова надлежност, како кумулативен услов, кој не може да биде пречекорен сметано од денот на прием на материјалите од неовластено следење на комуникации од член 2 од Законот за СЈО, и по истекот на тој рок од 18 месеци, не е овластен тужител за преземање на јавнообвинителски работи на предистражни и истражни дејствија, предвидени со Законот за кривичната постапка“, е мислењето кое тогаш го донесоа врховните судии.

Но, тоа не е задолжително за судиите од пониските судови, Кривичен и Апелација, па затоа тие постапуваат по предметите на СЈО покренати по 30 јуни 2017.

Додека не се реши статусот на ова обвинителство или додека предметите останат во нивна надлежност, сите одлуки, а и пресуди кои ќе стигнат до највисокиот суд практично ќе паднат. Во групата отворени истраги по споменатиот рок се и: „Попис“ и „Лидери“ против Никола Груевски и Али Ахмети; „Пациент“ каде меѓу осомничените е Бујар Османи како поранешен министер за здравство; „Моќник“ против Антонио Милошоски; „Хармонија“ во која опфатени се Никола Груевски, Миле Јанакиески и Стевчо Јакимовски; „Друмарина“ против Силвана Бонева; „Рентген“ каде осомничен е Никола Тодоров и др.

Тука е и случајот „Талир“ кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ за кој се покрена обвинение, а на самиот старт е и судскиот процес, чие прво рочиште на 18 февруари беше одложено поради отсуство на еден од обвинетите, пратеникот Илија Димовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...