Камчев демантира дека ја финансирал кампањата на ВМРО-ДПМНЕ

Костадинов побара од Мицкоски да одговори дали Орце Камчев е финансиер на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ за последните претседателски избори и колку тоа ги чинело неговите фирми?

1108

Компанијата „Орка холдинг“ најостро ги демантира тврдењата на пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов, дека бизнисменот Јордан Камчев, односно која било од неговите фирми била вклучена во финансирање на изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

„Најостро и со целосна одговорност ги демантираме тврдењата кои денеска ги произнесе во јавноста Костадин Костадинов, портпарол и пратеник на СДСМ, дека Јордан Камчев, односно која било од фирмите на Јордан Камчев била вклучена во финансирање на изборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ.

Овие тврдења кои се на ниво на шпекулации произлегуваат единствено од меѓупартиското нетрпение и се резултат единствено на меѓупартиско препукување. Недозволиво е со цел освојување на ситни партиски поени да се задава ваков удар на приватните компании кои како значајна гранка од економијата на оваа држава успешно работат и без никакви државни тендери или државна помош вработуваат огромен број луѓе и придонесуваат за нејзиниот развој“, се наведува во демантот од „Орка холдинг“.

„Орка холдинг“ информира дека е компанија која моментално вработува 2.670 луѓе и само во периодот од 01.01.2019 до 30.06.2019 година во буџетот на Македонија по основ на различни даноци и придонеси исплатила 14 милиони евра, додека во истиот период по основ на плати за вработени исплатила бруто вредност од 17 милиони евра од кои 5 милиони евра за придонеси.

„Спротивно на она кое моментално се случува, сметаме дека државата и партиите се оние кои треба да го поддржат и помогнат работењето на ваквите компании кои нудат вакви вредности за сите, а не да го рушат нивниот углед и да фрлаат црна сенка на нивното работење“, се додава во демантот од „Орка холдинг“.

Костадинов, денеска на прес конференција побара од Мицкоски да одговори дали Орце Камчев е финансиер на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ за последните претседателски избори и колку тоа ги чинело неговите фирми?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...