Камчев: Боки 13 му изнуди 450.000 евра на мојот болен пријател Луковски

Во разговорите со Камчев, Боки 13 се претставувал како магистриран правник во Рим, додека на претходното рочиште рече дека е невработен студент.

9418

Кога влегов во притвор сѐ ми стана јасно, рече бизнисменот Јордан Камчев на денешното сведочење за премдетот „Рекет“.

Тој раскажа дека неодамна починатиот директор на Телеком Жарко Луковски му кажал дека на Бојан Јовановски Боки 13 му дал изнуда од 200.000 евра за случајот „Империја“. Боки 13 му зел и дополнителни 250.000 евра на тогаш тешко болниот Луковски кој бил во Белград, а Јовановски пред сите го знаел и името на предметот „Империја“.

– Мојот пријател кој денеска не е жив, ми рече дека е дел од предметот „Империја“, чие име го дал самиот Боки 13. Бојан му се јавил и му рекол дека ако не сака да биде дел од тој случај, треба да му плати 200.000 евра. Тој беше тешко болен, и за жал сега веќе не е жив. Кога го отвориле случајот „Империја“, мојот пријател избега во Србија од страв, но Боки повторно му се јавил и му рекол: „Еве што се случи, ако не платиш, и ти ќе бидеш во овој случај“, по што овој му платил уште 250.000 евра од Белград. Ова се зборови на веќе покојниот другар – сведочеше Камчев.

Луковски почина пред неколку дена, а пред неколку месеци во Обвинителството за организиран криминал и корупција даде исказ за рекетот.

Камчев рече дека рекетот го пријавил и кај премиерот Зоран Заев.

– Тој го конструираше Инсајдер. Репризата ја гледаше кај мене – рече Камчев за Боки 13, како аргумент дека 1 ТВ била негова маша за изнуда.

Во тоа, додаде тој, му помагале и еден уредник и уредничка во телевизијата.

– „Катица се контролира, Лиле е до неа“, тоа нон-стоп ми го зборуваше Бојан Јовановски додека бев во домашен притвор. Катица лично во очи ме гледаше и директно ми кажа тоа што го договараш со Боки. Целата спрега против мене одеше од Бојан кон Катица од Катица кон Стефанова – рече Камчев.

За обвинителката Стефанова рече дека имала и брифинг со група новинари на кој вадела детали од истрагата за „Рекет“ што е недозволено. Така, според Камчев, Јанева вршела притисок врз него преку Стефанова.

Во разговорите со Камчев, Боки 13 се претставувал како магистриран правник во Рим, додека на претходното рочиште рече дека е невработен студент.

Пишуваат
Стојанка Митреска
Александра Митевска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...