Граѓанската организација „Цивил” вечерва организираше промотивна кампања за запознавање на граѓаните со значењето на референдумот и важноста од искористување на правото на глас на 30 септември.
– На граѓанките и граѓаните во државата им укажуваме колку е важно да излезат на референдумот и да го остварат и искористат нивното уставно и законски загарантирано право на глас за да го искажат својот став. Не е важно дали ќе гласаат за или против или како по сопствено убедување ќе го дадат својот глас, важно е да учествуваат во одлучувањето за подоцна да немаат простор и причина да кажат зошто се одвиват работите на овој или оној начин, рече Билјана Јордановска од „Цивил за слобода”.
Активноста е дел од проектот „Гласам, значи постојам” што „Цивил” го имплементира со финансиски средства од Американската амбасада во Македонија.
Според Јордановска, организацијата е веќе вклучена во набљудувачкиот процес на кампањата за референдумот, следејќи ги говорот на омраза и лажните вести кои се објавуваат, а свои набљудувачи ќе има и на денот на референдумот.