Градот Скопје се приклучи на кампањата на Агенцијата за млади и спорт и Министерството за внатрешни работи за спречување на насилството од каков било вид, со посебен осврт на меѓуврсничкото насилство и говорот на омраза.
– Мотото на оваа кампања е „Насилството раѓа насилство – сопри го, не го разгорувај“, а токму тоа е и целта на кампањата, да се подигне свеста кај учениците во средните училишта да изградат активен однос кон спречувањето на насилството, првично преку негово препознавање, морална осуда на насилството во сите негови видови и форми, мерките за заштита од насилство, како и разбирање за штетните последици од насилството. Оваа кампања ја поврзавме со проектот „За безбеден град“ во кој Град Скопје преку средните училишта се приклучи минатата година со цел, меѓу другото, активно да се влијае на намалување на насилството во средните училишта – рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Тој додаде дека безбедноста на граѓаните е меѓу приоритетите на Град Скопје и во таа насока Градот е отворен за соработка и поддршка од секаков тип на сите институции кои имаат за цел зголемување на безбедноста на граѓаните.
– Во делот на едукацијата и превенцијата со заеднички сили можеме да постигнеме многу и заради тоа апелирам на поголема вклученост на граѓаните во проектите од ваков тип бидејќи на крајот на денот ова го правиме за доброто на сите нас – нагласи Шилегов.