Кампања за рано откривање рак на дебелото црево

Колоректалниот карцином е третиот најчест карцином во Европа и целосно може да се излекува ако се идентификува навремено. Постои едноставен тест од десет секунди за тоа. Но, тестот е достапен само во многу малку од 27-те земји во ЕУ. Предизвикот е да се воведе овој тест, познат како FIT, така што секој ќе има шанса рано да го открие – и да го спаси својот живот, вели Биба Додева, претседателка на Борка.

255

Здружението „Борка – за секој нов ден“ се приклучува на паневропската кампања за подигнување на свеста за колоректален карцином #BeautifulLives #прекрасниживоти за промовирање на современ скрининг тест за рано откривање на рак на дебелото црево.

Кампањата ќе се фокусира на мобилизирање на јавната поддршка за поголема достапност на скринингот за колоректален карцином низ цела Европа, преку светската платформа за социјални промени, Change.org и преку петицијата: www.change.org/BeautifulLives.

– Колоректалниот карцином е третиот најчест карцином во Европа и целосно може да се излекува ако се идентификува навремено. Постои едноставен тест од десет секунди за тоа. Но, тестот е достапен само во многу малку од 27-те земји во ЕУ. Предизвикот е да се воведе овој тест, познат како FIT, така што секој ќе има шанса рано да го открие – и да го спаси својот живот – вели Биба Додева, претседателка на Борка.

Кампањата #прекрасниживоти ќе ја искористи докажаната моќ на социјалните медиуми за да ги мотивира граѓаните на Европа да ја потпишат петицијата за барање универзален пристап до скрининг за овој карцином.

Од Борка наведуваат дека со фокусирање на главната порака: „да помогнеме во спречување на 100 000 непотребни смртни случаи годишно“, целта се милион потписи на петицијата. Националната поддршка ќе биде обезбедена од 30-те групи членки во 27 држави низ цела Европа, вклучувајќи ја и земјава преку Здружението Борка-за секој нов ден.

Според Интернационалната истражувачка агенција (IARC) и Светската здравствена Организација (WHO) во државава во 2018 година бројот на новодијагностицирани од овој вид рак изнесувал 996, од кои 517 кај машката и 479 кај женската популација. Додека бројот на смртност бил 472 лица, што укажува дека половина од новодијагностицираните случаи се во доцен стадиум.

– Доколку знаеме дека овој вид рак може да се превенира и открие во ран стадиум ќе мора да направиме актовности на национално ниво со кои ќе ја подигнеме на повисоко ниво свесноста и ќе овозможиме брз пристап за рана дијагностика за сите граѓани. Со тоа директно ќе влијаеме на намалување на смртноста од овој вид на рак, наведуваат од здружението.

Пациентите кои се откриени рано, во прва фаза, имаат 90 отсто шанси за преживување во споредба со само 10 отсто кога се откриени во четвртиот стадиум. И покрај фактот дека колоректалниот карцином се развива бавно, во период од осум до десет години, поголемиот дел од пациентите се уште се откриваат во доцните фази, трета и четврта.

Лекувањето на овој рак во рана фаза е поевтино од доцната фаза и може да се заштедат над три милијарди евра секоја година во ЕУ. Луѓето треба да се запознаат со придобивките од раното откривање на колоректалниот преку едноставниот скрининг-тест FIT, кој може да спаси дополнителни 100000 животи секоја година“.

– Кај нас постои скрининг метода наречена ФОБТ, но современата медицина оди понапред и нуди посовремени начини за рана детекција, како што е FIT тестот. Сметаме дека треба да се синхронизираме во борбата против ракот на дебелото црево и да ги усогласиме европските начини на рана детекција. Системските решенија кои досега Владата, Министерството за здравство и Фондот, како и другите релевантни институции, ги прифатија нашите сугестии не охрабруваат да веруваме дека и за овој проблем ќе се најде соодветно решение и ќе има брза реакција од креирачите на здравствените политики. Затоа е многу важно да ја потпишеме петицијата, вели Додева.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...