Еден од десетте обвинети за обидот за убиство на Зијадин Села, Кире Ѓорѓиевски, брутално со удар со нога ја гмечи главата на лидерот на Алијансата на Албанците. Во тој момент Села е легнат на мермерниот под на приземјето во ходникот во Собранието во делот кај лифтот.
Ова следува откако Села по скалите е симнат на приземјето од дел од обвинетите и сведоците, тие го легнуваат на подот и во еден момент Ѓорѓиевски силно замавнува со едната нога и го удира Села врз главата. Потоа следува уште еден удар, клоца во телото на легнатиот Села од обвинетиот Оливер Ошавковски. Неколку секунди по ударите се забележува како со лидерот на Алијансата на Албанците на Албанците остануваат двајца од обвинетите, Стојан Павлески и Александар Јаневски Тошта кои се обидуваат да го кренат Села на нозе, но тој не може да издржи и паѓа.
Адвокатката на обвинетиот Павлески посочи и дека од оваа снимка може да се забележи дека тој се обидел да го заштити Села отргнувајќи го од Ѓорѓиевски. Овие кадри се видоа на снимката од една од безбедносните камери од ходниците на приземјето од собраниската сала која беше пуштена денеска во судницата. Понатаму во снимката, оштетениот Села го изнесуваат од кадарот кој го опфаќа безбедносната камера.