На сите начини, што уставно ми стојат на располагање, ќе се борам владата да не добие доверба, бидејќи тоа е поврзано со Договорот од Преспа и ќе направиме сѐ што можеме, во и вон Парламентот да го блокираме договорот, рече лидерот на Независни Грци, Панос Каменос во интервју за централното издание на вестите на грчката телевизија Стар, јави дописничката на МИА од Атина.
– Оваа влада бара гласање доверба за Договорот од Преспа, според тоа оваа влада нема доверба од нас. Дај Боже Ципрас да сменеше мислење, се потрудив многу околу тоа – објасни Каменос, кој рече дека тие ќе направат се и за да го блокираат Договорот од Преспа, а во недела ќе учествуваат на протестот закажан во Атина.
Лидерот на Независни Грци упати отворен повик до претседателот на Нова демократија, да го прифати неговиот услов „да не постои никакво решение со терминот Македонија, да не се продаде името Македонија и да не се преговара за договор како оној од Преспа со терминот Македонија“, и во тој случај, Каменос заедно со Мицотакис ќе потпише иницијатива за гласање недоверба на владата „за да падне оваа влада и следната влада да го спаси името Македонија“.
– Ние велиме никаква употреба на терминот Македонија и ова го вели мнозинството од грчкиот народ. Можеме сега да блокираме. Уште вечерва, Кирјакос Мицотакис како лидер на Нова демократија нека преземе одговорност и јас му ветувам дека утре наутро во Парламентот ќе ја потпишам иницијативата за гласање недоверба – порача Каменос, префрлајќи ја топката и упатувајќи обвинувања до опозициската Нова демократија.
Говорејќи за двајцата пратеници од Независни Грци кои останаа на нивните министерски позиции и решија да ја поддржат владата рече дека тие го продале и го предале.
Лидерот на Независни Грци рече дека со Ципрас, како коалициски партнери, немале никакви несогласувања, се додека не дошло конкретното прашање.
– Два пати во овој случај, не си го задржа зборот. Првиот пат беше во однос на почетниот разговор да почне дијалог со Скопје за да видиме дали ќе има некое решение каде што се обврзаа и господинот Коѕијас и премиерот дека ќе биде по изборите, дека грчкиот народ ќе донесе одлука. Вториот пат беше кога рече дека одново ќе разговараме за тоа во март. Но, кон средината на декември јас сфатив дека се подготвуваше да дојде договорот – рече Каменос во интервјуто за ТВ Стар.