Откако ја поддржа иницијативата на опозициската Нова демократија за гласање недоверба на Владата на Грција, по што беше и исклучлен од неговата партија Независни Грци, потпретседателот на грчкиот Парламент, Димитрис Каменос денеска поднесе оставка од функцијата.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Каменос за одлуката со писмо го известил претседателот на Парламентот, Никос Вуцис, во кое ги објаснува причините за оставката.
„По моето исклучување од партијата Независни Грци за гласот од срце што го дадов за прашањето за нашата Македонија и по релевантни разговори што ги имавме во изминатиот период, Ве информирам за мојата одлука да го олеснам непреченото функционирање на Претседателството на Парламентот и да не ја исцрпам можноста предвидена со Деловникот за работа на Собранието. Ви ја доставувам мојата оставка од позицијата потпретседател на грчкиот Парламент“, пишува Димитрис Каменос во дописот до Вуцис.
Новиот потпретседател на грчкиот Парламент од редовите на Независни Грци треба да биде избран в среда.