Коалицискиот партнер во грчката Влада, Панос Каменос, не отстапува од неговиот став, дека Македонија нема да стане членка на НАТО, а Договорот од Преспа нема да се имплементира.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, говорејќи пред грчките новинари во Брисел, министерот за одбрана, кој заедно со шефот на грчката дипломатија го придружуваат грчкиот премиер на НАТО Самитот, рекол дека Договорот од Преспа нема никогаш да се имплементира затоа што тој лично смета дека нема да помине ниту во собранието, ниту на референдумот кај нас.
-Може да собираат покани и да се сликаат, но во НАТО нема шанси да влезат се додека го користат терминот Македониј – рекол Каменос според АНА- МПА.
Во однос на тоа кога ќе се одржат избори во Грција, одговарајќи на новинарско прашање, коалицискиот партнер во владата на новинарите им рекол да не очекуваат избори бидејќи „сѐ додека скопското прашање не е дојдено во Парламентот, изборите ќе се одржат на крајот од четиригодишниот мандат“.
Информативниот портал „Ин“, коментира дека дел од ставовите на Каменос се спротивни на официјалните соопштенија, а дел се неточни, јави дописничката на МИА од Атина.
– Претседателот на Независни Грци, со неговата омилена тактика, се обиде на малкумината што сѐ уште го следат, да им презентира една „алтернативна реалност“. Па така, ни помалку ни повеќе, спротивно на официјалното соопштение на Генералниот секретар на НАТО, негираше дека ПЈРМ ќе се интегрира во НАТО со името „Северна Македонија“, пишува грчкиот информативен портал.
„Ин“, коментира дека Каменос, кога изјавил дека „договорот нема да помине во Собранието на ПЈРМ“, заборавил на еден мал, но не и неважен детал-дека пратениците веќе го изгласаа договорот.
-Во суштина, она што го направи Панос Каменос со учеството на Самитот на НАТО е да ја ратификува поканата за ПЈРМ со името „Северна Македонија“, ставајќи и тој, на овој начин, еден „потпис“ до оние на Алексис Ципрас и Никос Каменос, објави грчкиот информативен портал.
Фото: EPA/SOTIRIS BARBAROUSIS