Денеска до Собраниетосе доставува Предлог законот за Јавното обвинителство што е во интерес на реформите и правдата. Со новото законско решение Специјалното јавно обвинителство станува дел од новотo Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција. Токму тоа беше предлог на ВМРО-ДПМНЕ, СЈО да стане дел од Јавното обвинителство кој што беше прифатен, рече пратеничката од СДСМ Снежана Калеска-Ванчева на прес конференција.
– Предлогот обвинителката Вилма Русковска да го води новото Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција не е одлука на партиите туку логичен след на настаните. Русковска во моментов е прв човек на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Предлог законот предвидува спојување на обвинителствата и оттука логично е мандатот да го продолжи обвинителката која веќе ја извршува оваа функција. Затоа очекуваме сите пратеници, а особено колегите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат ова законско решение. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ мора да покажат конструктивност и да го поддржат новото законското решение за јавно обвинителство – изјави Калеска-Ванчева.
Таа обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски одбиваа дијалог за компромис за Законот за јавно обвинителство кој ќе обезбеди СЈО како структура да ја продолжи својата работа, а случаите во нивна надлежност да бидат до крај расчистени во фер судска постапка.