Укинувањето на членот за малцинствата во Уставот не значи ништо, тоа е за внатрешна употреба во Грција. И таму власта е под силен притисок, рече професорот по кривично и процесно право и претседател на Хелсиншкиот комитет, Гордан Калајџиев, во денешната „Само вистина“ на Канал 5.
– Добро во постигнатиот договор за името е што е задржан македонскиот идентитет и јазикот и призната е македонската нација. Другите работи може да ги голтнеме – рече Калајџиев, според кого со договорот е извлечено максимум од ситуацијата.
Тој посочи дека Македонија беше доведена во неповолна положба во преговорите и пред меѓународната заедница.
– Лажната антиквизација што ја спроведе претходната власт на Грците им даде аргумент дека ние навистина сакаме нешто нивно. Оттука и не бевме во позиција да преговараме за членство во ЕУ и НАТО независно од спорот – рече Калајџиев.
Според него, добро е што за договорот ќе се решава на референдум, но смета дека кога би го отфрлиле, тоа не би било добро за Македонија и би довело до нова голема криза.
Професорот, кој беше дел и од Шарената револуција, зборуваше и за реформите во правосудството, за почитувањето на човековите права итн.
Погледнете го целото интервју.