На 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од 30 единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест единици имаат колку минимумот.
Ова го открива истражувањето спроведено до Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) кој ги објави во базата на податоци за бројот на пожарникари и за возилата на сите 30 територијални противпожарни единици во земјава заклучно со 31 декември 2019 година.
Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на Скопје. Следуваат Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Во Куманово недостигаат 49 пожарникари, во Битола има кусок од 32, а во соседен Прилеп од 26 пожарникари.
Меѓу општините со повеќе од законски предвидениот минимален број пожарникари се Охрид и Ресен, кои имаат само по двајца пожарникари повеќе од минимално определениот број, како и Демир Хисар и Крушево – само со по еден пожарникар над минимумот. Шесте општини со ист број пожарникари со законскиот минимум се: Штип, Радовиш, Делчево, Македонски Брод, Пробиштип и Кратово.
Пресметките се направени врз основа на законски пропишаниот минимум пожарникари, проценката од Државниот завод за статистика за бројот на населението што живее во општините што се опфатени од противпожарните единици, како и бројот на моментално вработените пожарникари во секоја од 30-те единици според податоците добиени од самите единици преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Кога станува збор за возилата, противпожарните единици располагаат вкупно со 241 возило, каде спаѓаат не само возилата за гасење пожар и цистерните за вода, туку и сите други возила на противпожарните екипи. Просечната старост на возилата е 28 години и 68 % од нив се од минатиот век. За споредба, според истражувањето од пред точно една година, бројот на возила изнесуваше 220, просечно стари 27 години. Исто така, последното истражување на возилата на министерствата и општините покажа дека нивната старост, пак, е 12,5 години.