Одлуката беше тешка навистина, свесни за сериозноста на ситуацијата како во државата така и во политиката и какви се бранувањата таа ќе направи посебно во мојата партија. Но јас и моите колеги цврсто веруваме дека тоа што дадовме шанса е правиот пат по кој треба да се движиме, нормално уште еднаш да напоменам со прифаќање на нашите услови, вели пратеничката Емилија Александрова за порталот „Лидер“.
Таа ова изјава ја даде откако гласаше за пристапување кон уставните измени.
Александрова претходно ја обвини власта дека ја урнисува правната држава и дека сака да го урниса и Уставот. Еве што зборуваше Алексндрова три дена пред гласњето:
-Никаде во вашата програма немате дека ќе го менувате името и Уставот и немате мандат да го менувате уставното име на Репубика Македонија, и порача пратеничката Емилија Александрова од ВМРО – ДПМНЕ на пратеничката Соња Мираковска која претходно ги повика своите колеги да гласаат за предложените уставни измени и да ја внесат Македонија во евроатланското семејство.
-Тука не се работи за чувства, ова е законодавен дом каде што работиме според Устав и закони, ја урнисавте правната држава, сакате да го урнисате и Уставот – рече Александрова додавајќи дека овој референдум е неуспешен и затоа не треба да се бара од пратениците да гласаат за промена на името и да не манипулираат со граѓаните.
Таа додава дека и е тешко што е исклучена од ВМРО-ДПМНЕ, но не се лути.
-Што се однесува на одлуката на партијата да не исклучи, лично ја доживеав многу тешко. Да се биде ВМРО-ДПМНЕ е вистинска чест и мене никогаш тоа чувство на припадност не можат да ми го одземат. Искрено жалам за нивната одлука кон нас, но не им се лутам. Верувам дека разумот на крај ќе преовладува кај сите, затоа што на крајот сите имаме заедничка цел-посочува таа.
Александрова вели дека се шпекулации тврдењата дека пратениците од опозицијата гласале под притисок или дека биле поткупени.