Како полесно да се справите со предизвикот наречен „Безбедно ноќно возење“?

Секој возач си има свои лични афинитети, желби и барања, но важно е да се потенцира дека, согласно искуствата и истражувањата, денското возење се смета за многу побезбедно од ноќното возење.

155

За некои возачи возењето во ноќни услови е забавно и возбудливо, за некои спокојно и мирно, за некои е вистинско уживање, а за некои е напорно, мачно и тешко. Секој возач си има свои лични афинитети, желби и барања, но важно е да се потенцира дека, согласно искуствата и истражувањата, денското возење се смета за многу побезбедно од ноќното возење.
Возењето во ноќни услови носи многу предизвици, потенцијални закани и опасности од аспект на безбедно одвивање на сообраќајот и токму затоа РСБСП советува за полесно справување со предизвиците од ноќното возење.

• Најголем предизвик кај ноќното возење е слабата видливост на патот и околината. Една студија во САД покажува дека од една третина до една половина од сите возила имаат слабо или погрешно насочени фарови и светла. Затоа, доколку патувате во ноќни услови, задолжително проверете дали светлата и фаровите работат со максимална ефикасност.

• За подобра видливост, помало напрегање и помал замор при возењето во ноќни услови, светлата, фаровите, ретровизорот, ветробранските стакла и страничните стакла, секогаш треба да бидат максимално чисти.

• Возачите со сериозни проблеми со видот најдобро е да не учествуваат во сообраќајот, особено во ноќни услови и во услови на дожд кога видливоста е значително загрозена.

• Според англиските оптичари околу 90% од реакцијата на возачот зависи од видот. Затоа, секогаш кога возите, а особено кога возите во ноќни услови, доколку имате проблем со видот, задолжително користете ги оптичките помагала.

• Доколку имате проблеми со видот и доколку користите оптички помагала, пред да започнете со патувањето, почекајте неколку минути во автомобилот очите да се прилагодат на темнината. Според англиската асоцијација на оптичари, прилагодувањето на темнината значително ќе ја подобри вашата способност за гледање во мракот.

• Возачите кои имаат проблеми со видот, во услови на ден и силно сонце, пожелно е редовно да користат очила за сонце и на тој начин полесно ќе се прилагодат за возење во услови на темнина.

• Намалување или елиминирање на пушењето е особено важно затоа што чадот од пушењето ја намалува визуелната способност на возачот.

• Согласно ЗБСП користењето на светла во Република Македонија е задолжително и дење и ноќе и таа обврска треба секогаш да се почитува. Доколку некогаш ги немате вклучено светлата и се прашувате дали е доволно темнина да ги вклучите светлата, тоа значи дека првите симптоми за намелена видливост се веќе присутни и треба веднаш да ги вклучите светлата.

• Искусните возачи знаат дека брзината секогаш треба да се прилагодува кон условите и видливоста на патот. Секој возач, секогаш треба да внимава на дозволената брзина, но во услови на ноќ, брзото возење повеќекратно го зголемува ризикот од предизвикување сообраќајна незгода.

• Користете ги долгите светла, но истовремено бидете внимателни и не ги заслепувајте возачите кои доаѓаат од спротивен правец. Исто така, создавајте си навика да не гледате директно во светлата на возилата што доаѓаат од спротивната страна или во светлата што се наоѓаат во околината. Гледањето директно во изворот на светлината ја намалува визуелната способност на возачот и ги изморува очите.

• Внимавајте на рефлексиите и на индиректните извори на светлина како издувните гасови на возилата пред вас, очите на животните, вировите вода на коловозот итн. Голема е можноста погрешно да ве наведат и да донесете погрешна одлука како возач.

• Возењето во ноќни услови, најчесто е спротивно на биоритамот на организмот и предизвикува замор и поспаност кај возачот, особено во периодот од 02.00 до 07.00 часот наутро. Затоа, доколку возите ноќе, правете почести паузи за одмор, вежби, краток сон.

• За полесно да се справите со заморот, консумирајте повеќе течности (вода, кафе), разговарајте со сопатниците, пропуштајте свеж воздух во возилото и дишете длабоко.

• При возење во ноќни услови, внимавајте на животните на патот – тие се активни во тој период од денот и ризикот за нивна појава е поголем.

Доколку имате навика, желба или потреба да патувате ноќе и доколку сакате полесно да се справите со предизвикот наречен „Безбедно ноќно возење“, почитувајте ги препораките и советите на РСБСП. Вози одговорно!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...