Како што веќе е објавено, судијата Владимир Туфегџиќ предложи измени на Законот за кривична постапка (ЗКП), со кои при промена на составот на судечкиот совет, започнатата кривична постапка непречено ќе продолжи, откако на новите членови на судечкиот совет, на нејавна седница, ќе им бидат презентирани дотогаш изведените докази во текот на кривичната постапка. Овој предлог, како што се наведува, е со цел да спречи одолговлекување на судските процеси или нивно враќање на почеток, во случај на променет состав на судечкиот совет, како што е случајот со двете судијки поротнички во судскиот предмет „ТНТ“, на кои им завршува функцијата поради навршени 60 години. Претседателот на Основниот кривичен суд Иван Џолев го прифатил овој предлог, а иницијативата, заедно со евентуалните забелешки и дополнувања од другите судии на Кривичниот суд, ќе биде доставена до надлежните институции.
Нема да навлегувам во материјална расправа за предлогот на Туфегџиќ. Им давам збор на експертите. Но, во принцип, јавно го поздравувам фактот што некој конечно се сети да предложи некаква суштинска промена на ЗКП. Јас неколку пати до сега, по претходни консултации со солидни правни стручњаци и практичари, пишував дека правосудните реформи – за кои „дрвените филозофи“ во и околу власта на СДСМ напразно мантраа три години – подразбираат пред сè промени во легислативата, која е основа на системот. Кривичниот законик и Законот за кривична постапка се само дел од законите што треба да се иновираат и да се усогласат со европската пракса.
Посипување со пепел
Да се потсетиме. Навлеков голем гнев кај пропагандистите на Заев, јавно укажувајќи на ноторниот факт дека членот 12 став 2 од ЗКП категорично вели дека „доказите прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата утврдени со Уставот на Република Македонија, законот и меѓународните договори, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука“. Не можат да се користат! Крај на програмата! Цитирав стручни трудови во кои се предлагало ваквите докази сепак да можат да се користат, но врз нив да не може да се засновува судска пресуда (како што е ставот на Европскиот суд за човекови права). Објаснував дека оваа одредба од ЗКП „бомбите на Заев“ ги обеснажува како незаконити докази, кои не смеат воопшто да се користат во судските постапки.
Ама, кому да кажеш… На дрво можеш нешто да му објасниш?
Наместо за ова прашање да се дебатира стручно и без политикантство, бев прогласен за „адвокат на мафијата“. Но, ги издржав тие идиотски дисквалификации, иако тие не запираат. Сатисфакција, односно директна потврда на мојот став (всушност, потврда на важноста на законското решение, а не на недоветните толкувања), доживеав подоцна и тоа – замислете каква иронија! – токму од личноста чија мисија беше со помош на вакви незаконити докази да обвини, а судовите експресно да осудат многу луѓе. Да, да, таа личност беше Катица Јанева, специјалката. И така, соочена со снимките од аферата „Рекет“, но сега од позиција на посрамена и обвинета, токму Јанева почна да се брани со истиот аргумент – нелегалните снимки кои укажуваат на нејзина вина, тврди одбраната, не можат да се користат како докази, бидејќи тоа не го дозволува членот 12 став 2 од ЗКП.
Алелуја! Јас поголема сатисфакција од ова посипување со пепел навистина не можев да добијам!
И Жбогар ли стана „адвокат на мафијата“?
Укажував и на други процедурални грешки, но и на погрешната примена на законите во некои судски случаи што ги отвори СЈО, со цел нашите модерни Јакобинци прекутрупа да осудат луѓе од опкружувањето на Никола Груевски. На пример, темелно го анализирав случајот „Титаник 2“ и аргументирано докажував дека не само што има сериозни процесни повреди (обвинението е покренато после рокот во кој, според законот, СЈО имало право да покренува обвиненија), туку погрешно е толкуван и Кривичниот законик. И пак истите етикети, од истите неписмењаковиќи, од луѓе кои не сакаат да читаат закони и да размислуваат со сопствените глави…
И оп, пред два дена, Апелацискиот суд ја укина пресудата со која Сашо Мијалков и Мендух Тачи беа огласени за виновни. Судот оценил дека „првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката е во целост незаконска и неправилна“. Ете уште една сатисфакција за она што го пишував, повикувајќи се на стручните мислења на адвокати и судии, на вистински експерти од судската пракса.
И наместо приврзаниците на „револуционерната правда“ еднаш засекогаш да сфатат дека Македонија е под сериозен мониторинг на Европската унија и дека после фијаското со СЈО Брисел веќе нема да толерира такво глупирање во земјата-кандидат за членство во ЕУ, тие тргнаа во жестока јавна атака врз Апелацискиот суд и се огласија и со отворени закани врз судиите. Еден мој пријател напиша дека Апелацискиот суд донел ваква одлука под мој притисок и под притисок на евроамбасадорот Самуел Жбогар. Уау! Ова ме потсети на времето кога груевци го черечеа евроамбасадорот Ерван Фуере и прогласуваа за „персона нон грата“ еден докажан пријател и заљубеник во Македонија.
Ветинг или предизборен петинг?
Патем речено, евроамбасадорот Жбогар не беше случајно спомнат во овие вербални атаци. Словенецот на владата на Заев ѝ брцна в око тогаш кога јасно и со гранитно цврста аргументација ја оспори идејата за уште една револуционерна акција за „средување“ на македонското правосудство – фамозниот ветинг. Така и Жбогар се најде на листата на „адвокати на мафијата“, иако, за љубов на вистината, вордингот за него беше нешто поблаг. Како и да е, никој од маливе Ѓокици не сакаше да спори со неговите аргументи. Зашто, човекот беше проклето во право. Со мои зборови, вака замислениот ветинг не е ништо друго освен популистички предизборен петинг.
Не сакав да ги лутам другарчињата и да им се потсмевам кога сфатија дека неколку клучни предмети на никогаш непрежаленото СЈО ќе им паднат во вода, односно ќе мора да се вратат на почеток, само затоа што има проблем со судиите поротници. Наполниле луѓето по 60 години и законски веќе не смеат да бидат поротници. Се изначитав потоа глупандерски коментари, од луѓе кои сакаат да морализираат за правдата, ама не сакаат ни да размислуваат за правото. Најсмешен беше коментарот во кој некој за овој „превид“го обвини „инкриминираниот“ судија Владимир Панчевски. Демек, тој ја поставил „нагазната мина“. Е ај нека било и така – па добро бре, шапшали едни, кај ви беа очите, кој требаше да провери каков е статусот на поротниците, дали тоа беше задача за Жбогар и за Героски можеби, или сепак за некој друг?
И да не редам веќе, зашто мислам дека на сите ви е сосема јасно дека оваа земја пати од неспособни дечишта поставени на клучни позиции, но и од корумпирани и криминализирани политичари, кои си прават нови дилови со старата мафија, ама за свој есап. Како и да е, повторувам, укажував на многу проблеми што ќе произлезат од некои застарени одредби во законите, како и од погрешната („креативна“) примена на некои други. Арно ама, „дрвените филозофи“ и лажните моралисти сакаат да разговараат за правдата без да ги слушнат мислењата на експертите, без да размислуваат за правото и без да ги почитуваат законите.
Задоцнета памет
„Промените на ЗКП – ми вели денес еден судија – до сега беа правени на начин што откако ‘експертите’ од политиката ќе се договореа за ‘козметичките’ измени, ги повикуваа судиите да учествуваат во работните групи, во кои имаа улога на декор, бидејќи претходно предложените законски измени веќе беа доставувани во законодавниот дом на гласање. Како луѓе кои практично го применуваат законот, ние најдобро знаеме да ги лоцираме проблемите, но досега никој немаше сенс да нѐ слушне“.
Ма какво слушање! Само ветинг! Пардон, петинг! Но еве, сега, кога проблемите неминовно избиваат на површина, општа паника! Што ќе правиме сега? Леле, ќе ни пропаднат предметите! Кој ли го тоа направи? Е дури сега некому му одговара судии да предлагаат измени на законите. Добро, дури и таа „задоцнета памет“ за мене е голема сатисфакција. Доказ дека сум размислувал правилно кога требало, дека сум бил на прав пат, што би рекол Заев…
Да, да, потребни се системски промени, а тоа значи првенствено промени во законите, а потоа и во судската пракса. Но, тие промени треба приоритетно да ги спроведе првата следна политичка влада, што ќе биде избрана после изборите во април идната година. Оваа влада на Заев се покажа неспособна за такви реформи, а веќе нема ни време – таа ќе трае уште неколку дена. Однапред предупредувам новите законски решенија на време да се усогласат и со европската пракса, за да не се измислува топла вода. Да не биде после – играчки, плачки. Има тука многу работа, ама не за пропагандистички шапшали, туку за луѓе што си ја знаат работата. Се разбира, ако сé уште сме со ниет да преговараме за членство во ЕУ.
Да заклучам. Не бевте на прав пат за овие работи, другарчиња. Заталкавте во слепа улица. А кога на тоа ви беше укажувано, вие само плукавте, навредувавте, се заканувавте, се правевте важни и силни. Мислевте дека сите ќе ги осудите „по кратка постапка“ и до следните избори работата ќе биде завршена. Ја преценивте (не)способноста на вашите експоненти во правосудството, ги преценивте трите и сите други „грации“, ја преценивте силата на вашата пропаганда – не, другарчиња, Европа нема да ви дозволи да спроведете Јакобинска правда. Сега сте под напон и во една таква голема нужда, гледам, полека фаќате правец.
Не сум на крај срце, јас и за тоа ве поддржувам, иако мојата поддршка сега не ви значи баш многу. Всушност, вие ќе бевте пресреќни да не се доведете во ваква блесава ситуација. Ама, кој ви е крив што сте толку „паметни“?