Како куртулил Трпе од банда опасни рекетари

Неверојатна и тажна приказна за тоа како еден наш мал хотелиер бил притиснат да „поддржи“ еден наш познат медиум, но поради сплет на околности кои можеле да завршат и трагично, човекот сепак се спасил од рекетарската багра.

22695

Приказнава што ќе ви ја раскажам е неверојатна. Филмска. Ќе се уверите самите. Таа е налик на една возбудлива секвенца од филмската серија за нашата тажна реалност, во која сѐ повеќе луѓе стануваат жртви на корупција, рекет и закани со лични компромитации. Играта ја водат неколку луѓе кои ја користат својата блискост со битни фаци од политичкиот естаблишмент и така стануваат недопирливи уценувачи и рекетари.

Цело Скопје бруи за оваа багра…

Приказнава ја слушнав од познаник, кој тврди дека лично бил сведок на настанот. Тој ми ги соопшти и сите имиња на актерите, освен името на жртвата, за да не бидам доведен во искушение да го соопштам јавно и да му нанесам штета. Фер. Дополнително, за сите заедно да се поштедиме од непотребни непријатности, битните актери и јас ќе ги преименувам. Верувам дека самите ќе се препознаат, а ќе ги препознаат и поупатените читатели. Но, тоа секој на своја одговорност.

Настанот се случува во ресторанот на еден релативно познат, иако понов хотел, во еден наш голем туристички центар. Домаќин на масата е газдата на хотелот, инаку јак политички штик во градот, кого во оваа приказна ќе го наречеме Мики. Гости на Микиевата софра се двајца членови на раководството на неговата партија, од кои на поважниот ќе му го ставиме името Кики. Специјални гости се сопственикот на еден познат медиум, кому совршено би му одговарало името Коки, како и неговиот уредник. Уредников за целото време на дешавката нема да изусти ни збор, па затоа и не заслужува да му наденеме име.

На покана на газда Мики, на масата седи и едно повозрасно човече, сопственик на мал, помалку познат хотел во градот. Во духот на нашата традиција, би било згодно човечето да се нарече Трпе или Трајче. Имено, тоа е едно многубројните човечиња чија судбина е да трпат и да траат. Ете, ќе го викаме Трпе. Повикан е во друштвото со намера да истрпи еден тежок удар, што ќе му се случи брзо по воведните бош муабети, што вообичаено се водат додека се дојде до главната тема.

Газда Мики не губи многу време и на колегата Трпе, со кого се познаваат долги години, му вели:

– Види, Трпе. Ти знаеш дека пред нас е изборна година и дека ни е потребна силна медиумска поддршка. Со нас тука е газдата на еден наш медиум што треба заедно да го поддржиме. Добро би било и ти со него да склучиш еден годишен договор за рекламирање, бидејќи знаеш како е, медиумите денес се скап спорт. А овој медиум е наш. Утре и тебе може да ти се најде на зломака, ако ме разбираш што сакам да кажам…

Разбира Трпе сѐ, ама не му е баш по волја. Му се гледа тоа на лицето. Во муабетот се вклучува и Кики. Тој не е директен како Мики и на газда Трпе суптилно и детално му ја објаснува политичката ситуација во земјата, со акцент на тоа дека сите треба да помогнеме за да не ни се врати режимот, оти така сите ќе изгориме.

Трпе слуша внимателно, ги гледа луѓето на масата под око и сфаќа колку е саатот. Со овие нема шега, си вели, овие се власт, а не е паметно власта да се има на врат. Да, ако се врати режимот, навистина сите ќе изгориме, но од Трпе се бара да изгори сега, веднаш, за „каузата“.

Ја допива тој ракијата на екс и вели:

– Добро Мики, те разбирам. Ако треба да се помогне, ќе се помогне. Ти знаеш дека мојот бизнис е помал од твојот, но ете, можам и јас да дадам едно четири до пет илјади евра годишно. И новинарите треба од нешто да живеат, јасно…

Одеднаш, напрасно, на масата се развлекува едно остро и пискаво – штоооооо?!!!

Тоа е газда Коки, сопственикот на медиумот што треба да се поддржи. Целиот е зацрвенет од бес.

– Што е ова, Мики, вие со мене ли ќе се заебавате?! Јас за годишен договор не разговарам за сума под двесте илјади евра! – вреска Коки и повторно треснува со тупаница на масата.

Велат дека ова „двесте илјади евра“ овој познат лик го има изговорено во повеќе слични прилики, со истиот бесен, пискав и феминизиран тон. За човек за кого, на пример, се шири легенда дека во некоја прилика десетина свои пријатели на софра честел со ајфони („дете, донеси за сите по еден ајфон“) и за кого тврдат дека во чекмеџето му се дотураат неброено пари во кеш, сосема е можно двесте илјади евра да е сума со која го почнува секој ваков разговор.

Но, на Трпе од тие зборови буквално ќе му се слоши. Прво пребледува ко крпа, па се препотува, за на крајот, според кажувањето на мојот пријател, буквално да ја обори главата на масата, губејќи ја полека свеста. Сите присутни се шокирани од реакцијата на кутрото човече. Го плискаат со вода, му го бришат челото, го плескаат благо по образите, му помагаат да се поврати од шокот.

За среќа, Трпе успева да се соземе. По долга, непријатна пауза, откако малку ќе се потсмири, тој на својот познаник тивко и понизно му вели:

– Мики, не ми се лути, а и другите молам да не ми се лутат. Јас двесте илјади евра немам. Толку промет немам годишно, а камоли толкави пари да ми останат. Ти знаеш дека децата ми се надвор, а јас и жената работиме сами, одвај врзуваме крај со крај. Викни ти, Мики, еден нотар овде и јас ќе ви го препишам хотелот. Земете си го и сами работете го. За мене ич да не се секираш. Јас и жена ми сме пред пензија. Ќе се снајдеме, ќе преживееме некако…

Ете, толку има Трпе да им каже на рекетарите собрани на масата. Толку му е силата. Нека му земат сѐ, душа нека не му земаат.

Сите молчат. Молчи и оној кретенот со неговите двесте илјади евра. Молчи и Трпе и испива уште една жолта, додека ја чека пресудата. На крајот, проговара газда Мики:

– Добро Трпе, можеш сега да си одиш. И заборави дека сме се виделе и што муабет сме правеле.

Трпе станува и тетеравејќи се подгрбавен, го напушта ресторанот. Друштвото продолжува да си тера муабет. Се пикира нова жртва веројатно. Не заради друго, туку заради „каузата“.

Важно е дека Трпе наш куртулил. Можеби во меѓувреме има наредено некое стентче, ама двесте илјади евра не платил. И да сакал, нема толку пари. За разлика од многу други, кои платиле. Имале, па платиле. Кој педесет, кој сто, кој двесте, а некои можеби и повеќе. Во муабетите се вртат и имиња и суми. Страшни суми.

Цело Скопје бруи, не е можно да не сте слушнале…

Ете, тоа е таа приказна. Да бидам искрен, јас сѐ уште сум во дилема дали да му поверувам на мојот познаник. Иако човекот баш и нема посебна причина да ме лаже. Но, во крајна линија, не е најважно дали оваа приказна е вистинита, или е измислена со цел да нѐ опоменува, да нѐ потсетува дека дека околу нас навистина кружи баучот на рекетот, тоа страшно зло, со кое се занимава една мала група луѓе. Тие осилено и безобразно, секојдневно ги демнат и ги уценуваат своите жртви, заканувајќи им се со компромитирачки материјали и на разни други начини.

Не паѓаат сите на масата како нашиот Трпе. Има и такви со путер на главите. Има и такви што плаќаат, иако не се сигурни дека така завршиле работа. Но, кај секој од нив тлее омразата кон оваа багра и силна желба за одмазда. Оваа работа на арно нема да излезе.

Ама ви велам, де, цело Скопје бруи…

Поуката од оваа приказна е јасна. Другарчиња, од арам пари долго не се живее. Ѓаволот ќе си дојде по своето. Кога и да е. Така да си знаете.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...