Како иранските разузнавачи ги победија американските

525

 

Благодарение на грешките во Вашингтон, Иран ги надмина САД во борбата за влијание во Ирак и се инфилтрира во тамошните државни структури во толкава мера што и функцијата ирачки премиер ја држи лице кое има „специјални врски“ со Техеран. Ова се открива со пресретнати извештаи на ирански разузнавачи, кои исто така откриваат како Иран тргувал со Русија со информации од Ирак за плановите на САД за конкурирање на стратегијата за гас на Кремљ во Европа.

Извадоци од тие извештаи објавија порталот „Интерсепт“ и Њујорк тајмс. Начинот на кој го добиле материјалот можеби укажува на тоа дека и Иран исто така се преиграл во својата ирачка стратегија и дека не се без основа стравувањата на разузнавачите на една иранска фракција дека нивниот ривалски табор од техеранскиот апарат на моќ со претерана агресивност во Ирак може да предизвика загуба на поддршката меѓу обичните Ирачани.

Извештаите, чија веродостојност отпосле е потврдена, стигнале во „Интерсепт” од анонимен извор, кој порачал дека сака светот да дознае што прави Иран во неговата земја. Дали навистина станува збор за лице или група која постапува целосно на своја рака и иницијатива, не е познато, но впечатокот што сакал да го остави со тие зборови се совпаѓа со она што веќе со недели се извикува на ирачките улици. Масовно се протестира поради корупција, невработеност, крах на јавните служби и иранското влијание…

Објавените извештаи го потврдуваат и убедувањето дека битката за Ирак Америка ја загуби веднаш откако влезе во неа со инвазијата во 2003 година. Со симнувањето од власт на баасистичкиот и сунитски режим на Садам Хусеин беше ослободен простор за опозициските шиитски политичари кои веќе соработуваа со Иран. Исто колку и инвазијата, грешка на Вашингтон беше и делумното повлекување од Ирак во 2011 година, кога локалните соработници на американските разузнавачи беа оставени на цедило, па за да се спасат, преминаа на иранска страна, нудејќи сè што знаат за човечките и другите ресурси на Америка во Ирак.

И Иранците имаа свои валканици, но со вешта разузнавачка работа, со обилно потплатување, успеаја во тоа, на пример, во претходната ирачка влада да седат многу политичари кои им беа верни, меѓу нив и моменталниот премиер Адел Абдул Махди. Министрите со задоволство ги задоволуваа барањата на Техеран, па и она да се дозволат прелети на ирански авиони кои носеа помош за сирискиот претседател Башар ел Асад, за кого САД сакаа да падне.

Во време кога и Русите поинтензивно се вклучија во одбрана на Асад, еден од иранските соработници од ирачката Влада дојави дека Американците се заинтересирани за богатиот извор на природен гас во Акас. Како што наведе, САД можеби би го извезувале тој гас во Европа, која со тој енергент најмногу се снабдува од Русија. Иранскиот разузнавач кој ја добил таа информација го известил Техеран за таа да може да се размени со Русите и Сирија, изгледа целејќи кон некој вид трговија со информации.

Како што тој детаљ покажува дека ни сојузниците не се браќа во сè, други објавени извештаи ја откриваат длабочината на сомнежот помеѓу двете гранки на режимот во Техеран. На едната ѝ припаѓа Министерството за разузнавачки и безбедносни работи, на другата Иранската револуционерна гарда, а и двете имаат свои разузнавачи во Ирак. Оние кои работат за Министерството фрлија сомнеж на припадниците на гардата и ирачките милиции поврзани со неа, односно на тоа колку нивните дела им помагаат на иранските позиции меѓу ирачкиот народ. Според тие наводи, теророт на ирачките шиитски милици врз сунитите го легитимизира враќањето на САД со поголем број сили по подемот на Исламска држава во 2014 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...