Како да ја одбраниме културата

Како и понатаму да се одржиме народ, инаку и тоа е култура, па и културата да биде народна, а не национална само или етничка, кога ние заборавиве дека во демократија еден вреди колку еден, но и притоа да не заборавиме дека и ние народот имаме должност да го подигнуваме нивото во нашето општество, а не да го симнуваме како што прави политиката?

949

Кога сме кај културата, да проговориме за културата и малку пошироко, бидејќи забележав како одредени слуги на оваа власт или овој министер зборат за елити и народ, и како некои ја пронаоѓаат некултурата повторно вниманието да го префрлат на мртвиот Германец, и клоцајќи го, да ја одалечат вината од актуелната власт.

Знаете ли дека денешните млади, кои многу наскоро ќе бидат возрасни, си создаваат комплетно своја култура на живот, работа, односи, нешто што и така треба да биде, но и во комплетно отсуство на присуството на повозрасните? Не ве сакаат, не нѐ сакаат, ниту почитуваат, бидејќи преку две децении сме отсутни од нивните животи, од позитивното влијание врз нивните животи, нешто да ги научиме, поточно, да им понудиме знаење и они да изберат кое ќе го земат, нешто да им оставиме, подобро ако може, бидејќи презафатени сме со нашите себични и политички расправи?

И затоа немам поголем револт и нетрпеливост од оној кон интелектуалците кои завршија во одбрана на едната или другата страна во оваа културна рашамонијада, кога работите се многу јасни, а проблемите уште повеќе.

Пред некој ден. реков, ако има протести, земјоделците и пазарџиите први да ги поддржат културњаците. А бе ние заборавивме дека Југославија беше земја на работниците и на земјоделците, дека од феудализам влеговме во индустријализација и механизација. Дека земјоделците ораа земја ама и страници книги, дека немало работничка акција без предавања марксизам, поетско читање, филозофски расправи.

Ние заборавивме дека општественото и социјалното ослободување патуваат на двојни шини, како ослободување од работната мака и ослободување од незнаењето. И гледате – и оваа власт кога се обраќа до земјоделците или пазарџиите, се обраќа како кон стока која треба или да се нахрани со субвенции, или да се исцеди со нови давачки, правила и ограничувања.

Некако ја имате пропуштено лекцијата на симбиозата помеѓу „концептот на промени“ и „концептот на култура“. Некаде да си забележевте дека должност и на земјоделецот е да учи, и должност на административецот е совесно да работи. А приватникот може да биде и двете. Така се гради култура, меѓу другото.

Оттука нашиот културен проблем другари е како да разговараме за одредени принципи без тие да ни паднат од горе, како грешка или како наводна борба со елитите, како етничко-партиско самоволие и задоволување на минатото полно грешки, како да застанеме лакт до лакт на висина на тротоарите по кои сите заедно чекориме. Можеби проблемот оди дотаму што во нашата негрижа и некултура повеќе и немаме тротоари, па секој оди кај ќе му текне и не сме во можност да чекориме заедно.

Како да ја одбраниме културата, нејзината базична функција, како леб и рози, без тоа да заврши на тобар на оној што не поседува култура, без да ги повредиме политичките партии и нивниот коалициски интерес, како со финоќа да им објасниме дека не браниме некаква си форма, туку самата суштина на општествениот живот?

Како и понатаму да се одржиме народ, инаку и тоа е култура, па и културата да биде народна, а не национална само или етничка, кога ние заборавиве дека во демократија еден вреди колку еден, но и притоа да не заборавиме дека и ние народот имаме должност да го подигнуваме нивото во нашето општество, а не да го симнуваме како што прави политиката? Значи дека малку повеќе независност и малку повеќе пркос кон властите ќе мора да се одржува.

Како конечно да кажеме, без никој да се навреди, дека неписмените ќе мора да се стават во можност повеќе да научат, а писмените да предаваат, без притоа некој новопечен советник да им ја залепи етикетата на „елитисти“?

Гледате, се ова се тешки прашање, тешки како камилата која мора да пројде низ ушите на иглата. И ова се нашите иглини уши, а вистинската камила е нашата левица, која не постои, која е необразована и безобразна, која се заборави и изгуби низ алчноста, која глуми политики за сите и култура за сите, кога самите такви политики не се постигнуваат со удар од меч, туку се градат чекор по чекор. И на општествено, и на културно, и на социјално, и на етничко ниво. Вака само, создавате нервоза кај сите, и млади и стари, зошто повеќето сме еднакво мизерни и изпразнети од значение и култура.

Многу прашања имам, а за жал, многу малку одговори.

(ФБ статус на авторот)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...