„Како да те Кики моја, како да те Фрики моја, заборавим“, пееше Коцев на „Бубамара“ (ГАЛЕРИЈА)

5392

Со стоечки овации и неколкуминутен аплауз беше дочекана екипата на документарниот филм „Медена земја“ на синоќешното 23. издание на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ што се одржа во арената А1 во Скопје под мотото „Нема правда, има Бубамара“.

– Не добивме „Оскар“ во Америка, но добивме македонски Оскар – рече кинематограферот Фејми Даут примајќи ја наградата за „Медена земја“ за интернационален успех.

На сцената излегоа и Атиџе Муратова, како и дел од семејството на нејзините соседи од документарецот.

– Нашиот успех се должи на тоа што светот за измори од лажни херои. Кога нѐ прашаа што ќе кажевте ако добиевте „Оскар“ рековме дека ќе излеземе сите, а дека ќе зборува само еден. А тоа е оваа жена која ќе ви отпее нешто – рече ко-режисерката Тамара Котевска, мислејќи на главната протагонистка Атиџе, која потоа испеа песна од филмот на што публиката возврати со долг и силен аплауз.

И годинава четиричасовната манифестација ја водеше брилијантиот Сашко Коцев, кој со своите стенд-ап настапи ја смееше полната сала. Кики, Фрики, Џики…, најпопуларниот спорт „рекет“, торбата „Луј Витон“, добивањето датум, влегувањето во НАТО, загадувањето беа дел од темите што ги опфати Коцев. Тој ја испеа песната „Дотако сам дно живота“ од Тома Здравковиќ во која ги спомна Кики и Фрики.

– Како да те Кики моја, како да те Фрики моја, како да те Џики моја, за тренутак, заборавим – пееше Коцев.

Меѓу наградените музичари од странство беа хрватската пејачка Јелена Розга, српската група „Електрични оргазам“, неповторливиот Раде Шербеџија, кој го испеа хитот „Остала си увијек иста“ на Мишо Ковач, заедно со Влатко Стефановски и го посвети на Тоше Проески, како и српската група „Галија“.

– Ние дебелите сме уште подебели, а вие глупите до кај сте – праша шоуменот Игор Џамбазов, кој го најави настапот на Раде Шербеџија.

Тамара доби награда за пејачка и за хит за 2019 година.

– Лани за мене беше година кога бев на врвот, но и кога ја направив онаа глупава грешка со химната за која се извинувам. Бевте со мене и кога бев на врвот и тогаш, ви благодарам што ме поддржавте во тие тешки моменти – рече Тамара, која ја испеа песната „Proud“.

За пејач на годината беше награден Влатко Лозаноски. Џина Папас Џокси доби награда за трајни музички вредности по што во живо ја отпеа песната „На Велигден“ заедно со хорот „Мирче Ацев“.

Тања Кочовска и Јордан Симонов од претставата „Мој термин“ на МНТ беа прогласени за актерка и актер за 2019 година, а претставата „Мој термин“ за најдобра претстава.

– Мојата кариера ја почнав како сирена, а ја завршив како пациент – рече таа алудирајќи на претставата „Мој термин“, која игра во МНТ.

На сцената се појавија и дел од ракометарите на „Вардар“, кои примија награда за спортски успех. Нив ги најавија двајцата спортски коментатори од „Арена спорт“, Сретен Рашковиќ и Стеван Стевановиќ од Србија. Потоа групата „Некст тајм“ ја испеа песната „Ја излези Ѓурѓо“.

Актерот Никола Ристановски му ја додели наградата за трајни музички вредности во рок-музиката на Ристо Вртев, вокалист на групата „Архангел“.

„Фчерашни новости“ беше наградена како најдобра сатирична серија. Награда за животно дело доби режисерот Столе Попов. Серијата „Преспав“ беше наградена за најдобра серија, а Јелена Јованова доби награда за ТВ актерка.

„Танец“ доби награда за културен амбасадор. Награда за животно дело доби музичарот Ангеле Димовски, кој настапи со својот син Гоце Димовски и со групата „Синтезис“ од каде беше награден Радослав Шутевски-Шуте.

За најдобра детска серија е прогласена „Дајте музика“, а наградата за инклузивна танцова претстава отиде за „Пепелашка“ и танцовото студио „Еурека“.

Фото: Фесјбук Златна Бубамара на популарноста

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...