Од неодамнешните случувања гледаме дека Поранешната Југословенска Република Македонија (ПЈРМ) и Грција повторно влегоа во преговори во врска со името. Официјалната позиција на Грција е конзистентна во текот на изминатите неколку децении. Посебно, Грција предлага името ФИРОМ да биде заменето со сложено име со географска одредница пред зборот „Македонија“, кое ќе биде признато од сите земји и за сите цели. Од друга страна, официјалната позиција на ПЈРМ осцилираше меѓу тврдокорен и поумерен став; поранешните обиди да се монополизира употребата на зборот „Македонија“ доминираше за време на десетгодишното владеење на Никола Груевски во земјата. Сегашната власт е подготвена да прифати сложено име, иако во смисла на билатерален договор, без влијание врз уставното име на БЈРМ, во моментов „Република Македонија“, коментираат д-р Анастасиос Панајотелис и д-р Василис Сарафидис за Катимерини.
Географската област на Македонија првенствено е поделена помеѓу Грција, БЈРМ и Бугарија. Иако е дом на различни народи, во секој подрегион населението се идентификува како македонско. На пример, во северна Грција луѓето сметаат дека се Македонци и Грци, во културно и историско значење. Употребата на терминот е распространета, аеродром, весник, телевизиска мрежа и универзитет се меѓу институциите со име „Македонија“ во северна Грција.
И покрај тоа, кога Југославија се распадна во 1991 година, најјужниот дел од таа федерација побара меѓународно признавање под максималистичкото име „Република Македонија“, со што ефективно бараше името и идентитетот Македонија да бидат исклучиво нејзини. Ова не беше само израз на суверенитет, туку закана за стабилноста на регионот. Тоа станува појасно кога се комбинира со други дејства што ги презеде новата република, како што се (1) иредентистичките тврдења во Уставот, (2) официјални мапи на „Обединета Македонија“ финансирани од владата, националистички концепт кој ги бара грчките и бугарските територии (3) усвојување национално знаме на кое е „Сонцето од Вергина“, древен симбол што се наоѓа во грчкиот регион на Македонија, и (4) промоција на национална приказна која бара линкови во Античка Македонија, чии познати археолошки локалитети лежат исклучиво во границите на Грција. Во 1995 година БЈРМ се согласи на употреба на поинакво знаме и да донесе некои уставни амандмани, во согласност со привремениот договор со Грција. За возврат, Грција се согласи да го укине 19-месечното трговско ембарго.
За жал, експанзионизмот и присвојувањето на културата продолжија да се промовираат во ПЈРМ, дури и на највисоките нивоа на власта. Мапите на „Обединета Македонија“ останаа дел од училишната програма. Проектот „Скопје 2014“, што ја премина секоја граница, придонесе да се потрошат повеќе од 8 отсто од БДП за да се реконструира главниот град на ПЈРМ во класичен стил. Ова вклучуваше статуи на историски личности кои се родени во Грција, што имаше цел да се поддржи експанзионизмот со зајакнување на тврдењата за Античка Македонија.
Истите елементи на агресија и иредентизам кои се манифестираа кон надвор против соседите на БЈРМ, се манифестираат и внатре во самата ПЈРМ. Навистина, тврдокорниот став на ФИРОМ ги зголеми длабоките поделби во сопственото општество и ја поткопа стабилноста, граѓанското општество и демократските норми.
Првиот од овие расколи е меѓу националистите и умерените. Вториве го осудуваат експанзионизмот и иредентизмот, сакајќи стабилни односи со Грција. Националистичкото тврдење за врските меѓу ПЈРМ и Античка Македонија ги отуѓи умерените, кои својот јазик, култура и идентитет ги сметаат за словенски и не се поврзани со Античка Македонија. За жал, ова гледиште беше опресирано поради десетгодишното владеење на поранешниот премиер Груевски, кој го подели општеството на „патриоти“ и „предавници“. Ова доведе до демагогија и зголемување на авторитаризмот што кулминираше во изборна измама и шпионирање на таканаречените „предавници“.
Во 2015 година се случи голем скандал во врска со прислушувањето на околу 20.000 граѓани на БЈРМ, вклучително и повеќе од 100 новинари, како и политичари од целиот политички спектар.
Националистите во БЈРМ повеќе ја сметаат својата земја за етно-држава, отколу за граѓанска, став кој го провоцира и заплашува многубројното албанско малцинство во земјата. Ова претставува втор голем јаз во општеството во ПЈРМ. Во 2011 година ПЈРМ намерно го прекина својот десетгодишен попис за да го сокрие демографскиот развој што можеби ќе доведеше до барање за поголема политичка застапеност на етничките Албанци. Исто така, и покрај тоа што Парламентот неодамна усвои закон со кој се дава еднаков статус на албанскиот како службен јазик, за време на пишување на овој коментар, претседателот на државата, Ѓорге Иванов, сè уште одбива да даде согласност. Имено, Груевски, кој и понатаму е многу влијателен и покрај тоа што е под истрага, се обиде да ја прекине собраниската процедура со употреба на физичка сила и мораше да биде спречен од обезбедувањето да не дојде до физичка пресметка со спикерот на парламентот, Талат Џафери.
Често се тврди, правилно според нашето мислење, дека пристапувањето во ЕУ и НАТО ќе биде од корист за стабилноста и економските перспективи на ПЈРМ. Во исто време, важно е да се сфати дека национализмот претставува далеку поголема закана за интересите на ПЈРМ, како и за стабилноста на Балканот. Фактот дека БЈРМ не може успешно да спроведе воена инвазија на Грција не треба да води кон некритичко самозадоволство соочено со ултранационализмот и експанзионизмот во ПЈРМ бидејќи овие ставови треба да се осудуваат независно од воените капацитети на БЈРМ.
Единствено одржливо, долгорочно решение за спорот со името е компромис кој (1) доволно ги диференцира двата народа, (2) го почитува фактот дека секоја страна претендира на македонскиот идентитет, но не треба да го монополизира, и (3) ќе има постојан карактер со ратификација на новата резолуција – каква и да е – во уставот на БЈРМ. Меѓународната заедница повеќе не треба да ги затвара очите на национализмот и активно треба да ги охрабрува двете земји да постигнат компромис и одржливо решение.
( Д-р Анастасиос Панајотелис и д-р Василис Сарафидис се членови на Извршниот одбор на австралискиот Институт за македонски студии.)
Подготви: А.Ј.