Граѓанските организации членки на системот за донирање на вишок храна „Сите сити“ покрена иницијатива за промена на Законот за донации и спонзорства со цел да се олесни постапката за ослободување на компаниите од плаќање данок за донирана храна.
Велат дека со долгите процедури се казнува хуманоста и се поттикнува незаинтересираноста на фирмите да ги донираат вишоците на храна.
– Поради комплицираноста и должината на траење процедурите за ослободување од даноци, во однос на донации на храна, постоечкиот Закон за донации и спонзорство е скоро неприменлив. Проблемот со неговата практичност се појавува кај процедурата за обезбедување даночно поттикнување. Со оглед дека вишокот храна е специфичен вид материјално добро, кое е стриктно поврзано со рокови, потребна е процедура која ќе биде поедноставна и далеку побрза – вели Блаже Јосифовски од Асоцијација за чиста животна средина „Ајде Македонија“, која заедно со стотина други граѓански организации е носител на иницијативата.
Поголем дел од донациите во вишок храна што сме ги добиле, додава тој, се оданочени.
– На нив фирмите плаќаат ДДВ и плус данок на добивка. Во зависност од видот на храната плаќаат давачки меѓу 15 отсто и 28 отсто. Дополнително, процедурите за фрлање на храната се полесни па произлегува дека се казнува хуманоста, а се поттикнува фрлањето на храната – појаснува Јосифовски.
Невладините предлагаат да се воведат рамковни годишни договори меѓу фирмите и хуманитарните организации со што би се олеснила постапката.
– При тоа нема да мора за секоја донација да бараат потврда за јавен интерес, да има отворена сума и како што ќе се донира да се зголемува и таа да се правда пред УЈП – вели Јосифовски.
Покрај промената на Законот за донации и спонзорства, појаснува Јосифовски, потребна е промена и на други закони или донесување на целосно нов закон за донирање на вишок храна кој би бил решение за сите проблеми кои произлегуваат од поврзаноста на проблематиката со повеќе законски решенија кои се надлежност на повеќе институции.
– Новиот закон би го регулирал и поддржал донирањето на големите количества храна кои доаѓаат од процесите на производство, нејзино чување, транспорт и продажба од страна на земјоделците, фабриките, супермаркетите, добавувачите и др. – вели тој
Иницијативата, како што појаснуваат од граѓанските организации, добила поддршка од институциите.
– Лани формиравме работни групи со институциите кои работат на решенијата. Се направија и препораки, па се сретнавме и со премиерот Зоран Заев во декември и добивме поддршка, но после тоа нема реализација. Последно што е направено на овој план е седницата посветена на оваа тема на Комисија за човекови права на Собрание – вели Јосифовски.
Пресметките на граѓанските организации се дека во земјава во просек се фрлаат помеѓу 4.500 и 6.500 тони храна, во вредност меѓу 8 и 11,6 милиони евра. Таа има потенцијал да нахрани околу 13.000 граѓани со три оброка дневно. Во исто време, дури 445.000 граѓани имаат проблем да обезбедат храна и поради недостиг на финансии во просек имаат по еден оброк во денот.