Како да се заштитат човековите права во ПИ мерките ?

104

Судии, јавни обвинители и претставници од релевантни институции денеска учествуваат на тркалезна маса посветена на судското одобрување и надзор врз интрузивните методи за прибирање на информации од страна на разузнавачките и безбедносните служби во Македонија.

На собирот беше истакнато дека интрузивните методи за собирање информации (ПИМ), како што се тајно следење или следење на комуникациите, се користат во европските земји за борба против сериозниот криминал, тероризмот и спречување на опасностите за државната безбедност.

Употребата на ПИМ е посебна, исклучителна моќ што ја даваат државите на неколку избрани безбедносни и разузнавачки институции, кои, последователно, се концентрираат на значителна количина на моќ, што може да биде застрашувачко за другите приватни или државни органи во извршувањето на нивните функции.

Судијката на Врховниот суд на РМ, Рахилка Стојковска истакна дека ПИМ се изведуваат во тајност, без познавање на целта и од тие причини треба да се внимава да не се загрозуваат основните човекови права.

– Нивното прекршување без соодветна судска контрола и парламентарен надзор го загрозува владеењето на правото и ја поткопува довербата на граѓаните во државата, рече Стојковска.

Според директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска појдовната точка во осигурувањето на меѓународните гаранции за независно и непристрасно судство е имплементацијата на стандардите за праксата на Европскиот суд за човекови права во однос на примената на посебните истражни мерки како алатка во борбата против организираниот криминал и корупција.

– Само независни судии ослободени од разните видови на притисоци и влијанија, особено од другите две власти, медиумите, политичките партии или од внатре по системот на хиерархија може да обезбедат ефикасна заштита на човековите права при примена на овие мерки кои можат да доведат до сериозно нарушување на правата и слободите, рече таа.

Пред учесниците на тркалезната маса се обратија и амбасадорот на Велика Британија Чарлс Гарет и поранешниот министер за правда Словенија, Алеш Залар.

Според агендата обраќање ќе имаат и судијата и претседател на кривичен оддел во Босна и Херцеговина, Минка Крехо, судијата за жалби и претседавач во регионалниот суд за кривични работи во Виена, Австрија  Улрих Нахтлбергер и претставникот од Здружението на судии на РМ, Андреј Божиновски.

Тркалезната маса е во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка со Центарот за демократска контрола на вооружените сили во Женева (ДЦАФ).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...