Како да се заштитат животните од топлотен удар?

Агенцијата за храна и ветеринарство предупреди дека температурите над 30 степени за секое животно се голем стрес што може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба од вода, намалено производство на млеко и слаб прираст.

110

Домашните миленици да не се оставаат во затворен автомобил изложен директно на сонце, да не се шетаат во најтоплиот период од денот, постојано и доволно да имаат свежа и чиста вода за пиење и да се држат во проветрени простории за да не дојде до сончаница или топлотен удар поради високите температури, препорачува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Добитокот, исто така, треба да се чува во соодветни услови, а за работа да се користи само во раните утрински или во вечерните часови кога температурите се ниски. Мора да се внимава и на бројот грла во објектите.

– Температурите над 30 степени за секое животно се голем стрес што може да се манифестира со намалено консумирање храна, зголемена потреба од вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Ако животните се држат во несоодветни услови може да дојде до појава на топлотен удар, а ако се директно изложени на сонце, до сончаница. Во двата случаја исходот може да биде фатален доколку не се делува на време – предупредува Агенцијата.

Симптомите се препознатливи, а се манифестираат со забрзано и плитко дишење, несигурен од (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, анурија, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза.

Времето на појава на првите симптоми зависи од надворешната температура, влажноста на воздухот и вентилацијата, како и од состојбата на одбранбениот механизам на животните.

– Ако се забележат такви симптоми кај животните, потребно е итно да се реагира. Животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество воздух. Треба да му се даде доволно свежа вода, а телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо – потенцираат од АХВ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...