Едукативно-информативен спот за заштитните карактеристики на банкнотите на еврото коишто граѓаните треба да ги знаат беше промовиран денеска на завршната конференција на проектот финансиран од ЕУ: „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“.
Проектот траеше осум месеци, со буџет од 250.000,00 евра, а го спроведуваа Народната банка, Министерството за внатрешни работи, и Централната банка на Германија. Спроведувањето на проектот беше поддржано и од централните банки на Хрватска и Австрија.
Како што соопштија од Народната банка, проект е поддршка на воспоставувањето стабилен и ефикасен систем за заштита на финансискиот интерес на ЕУ и националниот финансиски интерес, како и ефективно следење на фалсификувањето.
„Проектот опфати анализа на функционирањето на системот за борба против фалсификувањето банкноти и монети, идентификување на проблемите и препораки за нивно разрешување. Тој придонесе за зајакнување на соработката меѓу релевантните домашни и странски институции вклучени во системот за борба против фалсификувањето пари“, соопшти Народната банка.