Најголем проблем со кој се соочуваат глувите и наглуви лица во Македонија е комуникацијата, односно неможноста неа да ја остварат во секојдневниот живот, образованието, работата… Затоа, зголемувањето на бројката на толкувачи на знаковниот јазик, е првата работа што треба да се направи, порача в.д. претседателот на Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија, Томица Стојановски, на одбележувањето на Светскиот ден на глуви и наглуви и 70-годишнината од основањето.
Тој истакна дека овие лица се соочуваат со проблеми од самото раѓање преку отежната комуникација, неодење во градинка. Затоа, рече, во градинките треба да имаат поддршка и помош за да совладаат основни знаења, а во школо кога се запишуваат треба да се работи повеќе со нив, да има повеќе дефектолози кои ќе им помагаат.
– Најбитен проблем е комуникацијата, затоа треба да се работи повеќе на изучување на толковниот јазик. Комуникацијата е основна бариера на чие надминување треба да се работи преку обезбедување на повеќе толкувачи на знаковен јазик. Ќе работиме на социјализирање на глувите деца во постоечки градинки со кои ќе работи дефектолог и стручно лице за да се стекнат со познавање на основните работи и во прво одделение да се на исто ниво со децата што слушаат – рече Стојановски.
Тој рече дека овие лица се соочуваат и со проблеми во натамошното школување, со вработување, но, и воопшто во секојдневниот живот. Најави и дека ќе бараат изедначување на додатокот за глувост со останатите додатоци за инвалидност. Секој инвалидитет има своја тежина и не треба да се занемари, треба да се работи сите да бидат исти, додаде Стојановски.
Според податоците со кои располага Сојузот, во Македонија има околу 6.000 глуви и наглуви лица.
На манифестацијата за одбележување, што се одржа денеска во Скопје, присуствуваа членови на сојузот од Македонија, глуви ученици од училиштата „Партеније Зографски“ од Скопје и Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ од Битола.
Националниот Сојуз на глуви и наглуви своите темели ги има поставено на 28 март 1948 година и досега има остварено вредни резултати на полето на заштитата, едукацијата и рехабилитацијата на глувите и наглувите лица на територијата на Република Македонија.
Во својот 70-годишен развиток, Сојузот на глуви и наглуви на Македонија изминал во повеќе фази, извршил неколку промени во името и статутот на организацијата, ги променувал програмските приоритети, организациските шеми, усогласувајќи се со промените на општествениот систем, развиток на институционална мрежа, социјално законодавство и потребите на членството.
Фото: МИА