Градот Скопје, како една од мерките против загадувањето на воздухот, наскоро ќе распише јавен повик за субвенционирање на граѓаните за купување инвертери и други современи уреди за затоплување.
На јавниот повик ќе се прифаќаат фискални сметки за купен инвертер од 1 јануари 2019 година, граѓаните ќе може да аплицираат на јавниот повик од март, а исплатата на средствата ќе се врши по завршувањето на претстојните претседателски избори.
„Сите граѓани на Скопје кои имаат фискални сметки за купување инвертер во 2019 година и кои ги исполнуваат посебните услови за учество на јавниот повик од 01.03.2019 година ќе имаат можност да аплицираат за субвенции на инвертери. Субвенционирањето на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за набавка на посовремени уреди за затоплување за 2019 година ќе се финансира од Буџетот на Град Скопје за 2019 година. Висината на субвенцијата ќе биде во износ од 50 отсто од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход“, информира Град Скопје.
Субвенционирањето на граѓаните при купување на модерен систем за затоплување е активност предвидена во мерките од Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и е дел од мерките на Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Град Скопје.