Како Груевски стигнал до Будимпешта и му беше ли таа уште една попатна станица?

4139
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Различни верзии за бегството на Груевски продолжија и денеска да се објавуваат во медиумите во соседството и во Унгарија.

Ако претходните денови се пишуваше за „балканската рута на спасот на Груевски“, денека излегуваат нови неофицијални информации за тоа како експремиерот стигнал од Србија до Унгарија, како и за тоа дека неговото патешествие го продолжил кон нови земји.

Според информациите кои денеска се објавуваат во унгарските медиуми, наводно Груевски во Будимпешта стигнал со приватен авион кој го користел и неговиот пријател, унгарскиот премиер Виктор Орбан. Меѓутоа, според различни верзии во медиумите летот се случил еден односно два дена по 13 ноември – датумот кога Груевски го објави статусот дека е во Будимпешта.

Нови информации за бегството на поранешниот премиер денеска стигнаа и од Бугарија. Новинската агенција „Фокус“, објави дека наводно Груевски веќе ја напуштил Унгарија и се упатил кон Турција или Русија. При објавата на оваа информација бугарската агенција се повика на висок партиски функционер во ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа, според медиумите во регионот, покрај овие две, и Белорусија се споменува како една од следните дестинации на експремиерот.

Додека денеска се шпекулира дека Груевски ја напуштил Унгарија, информација дека од претходните денови тој се наоѓа на нејзина територија вчера беше потврдена во Кривичниот суд на рочиште за предмет во кој тој е обвинет. Судијата соопшти дека од македонското МВР добил известување во кое пишува дека унгарскиот министер му потврдил на Оливер Спасовски дека бегалецот е на нивна територија.

Како стигнал до таму, рутата изминатите денови полека ја откриваа властите во земјите од соседството.

Албанската полиција објави дека тој на нивна територија влегол нелегално и најверојатно пеш, а потоа со возило на унгарската амбасада на 11 ноември излегол на границата со Црна Гора. И црногорската полиција ја потврди информацијата дека тој влегол кај нив и истиот ден заминал. Патувал со лична карта.

Двете полиции објавија дека работеле законски бидејќи тогаш и воопшто не беше распишана меѓународна потерница за Груевски. Македонското МВР ја распиша два дена подоцна.

Груевски, како што објави црногорскиот весник „Вијести“, ја напуштил територијата на Црна Гора преку граничниот премин Добраково во 22.16 часот истиот ден кога влегол, од каде преминал во Србија со автомобил со регистерски ознаки 55А05 во кој се наоѓале заменикот на унгарскиот амбасадор во Црна Гора, Часар Јозеф Золтан и конзулот Фелаѓази Шаба.

Додека официјални соопштенија имаше и од Албанија и од Црна Гора, во Србија и Македонија институциите сѐ уште не излегле со информации за начинот на бегство на Никола Груевски. Досега нема ниту официјална потврда од Унгарија дека бегалецот ја напуштил и оваа земја.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...