Во последните 9 текстови што ги напишaв за порталот на Стопанската комора на Македонија, четири во насловот ги имаат зборовите Западен Балкан. Некој веројатно ќе се запраша зошто е тоа така. Ништо не е случајно.
„Регионалната интеграција е клучот за зголемување на животниот стандард на Западниот Балкан“ – пишува во Политиката за проширување на ЕУ за 2019 година, објавена пред десетина дена. Ова е документот во кој Европската комисија ги споделува своите погледи за економиите на Западниот Балкан и Турција со Европскиот парламент, Советот, Европскиот економски и социјален комитет и Комитетот на регионите.
Пораката од ЕУ е јасна, ако вие од Западниот Балкан сакате подобар живот ќе мора да се интегрирате. За каква интеграција станува збор? Не станува збор за политичка интеграција, не е ова идеја за воскреснување на поранешна Југославија. Овде се сугерира економска интеграција, регионална економска област во рамките на Западниот Балкан која треба да ги зацврсти шесте економии од регионот. Притоа, регионалната економска интеграција треба да биде не каква било, туку базирана на правилата и стандардите на ЕУ. На тој начин интегрирањето всушност е своевидна подготовка за подоцнежно интегрирање на регионот во ЕУ.
Европската комисија очекува ваквата регионална економска интеграција да доведе до позитивни ефекти кои би произлегле од постигнување економија од обем заради поголемиот пазар од домашниот, како и до зголемена трговија помеѓу шесте земји. Нормално, ЕУ упатува и на потребата од подобро регионално поврзување во транспортот и енергетскиот сектор. Од лично искуство, пред месец дена на едно службено патување морав да згазнам на азиска почва, менувајќи авион во азискиот дел на Истанбул, за да стигнам од Скопје во Сараево – перфектен показател за нашите регионални транспортни ирационалности.
Патем, Европската комисија смета дека формирањето на Регионална економска област ќе го направи Западниот Балкан поатрактивна дестинација за инвестиции. Тоа е точна оценка. Странските инвеститори кои сакаат да инвестираат во некоја од земјите од нашиот регион и да продаваат тука, размислуваат своите активности да ги насочат регионално, а не само во една земја од Западниот Балкан.
Документот на Европската комисија испраќа уште една важна порака до економиите од Западниот Балкан. Тие мора, како регион, да развијат отпорност во однос на странски економски влијанија, при што тука се мисли на влијанија кои не доаѓаат од ЕУ. Конкретно, посочена е Кина за која се вели дека, иако инвестира во странски земји, таа не води многу сметка за можните последици за земјите во поглед на одржливоста на проектите (финансиска, економска, социјална) и не води сметка за правилата на ЕУ за јавни набавки. Европската комисија посочува дека тоа носи ризик за земјите во кои Кина остварува економско влијание, а тој ризик е земјите да не можат да ги вратат кредитите што ги зеле за финансирање на проектите и за возврат да мора да пренесат на Кина сопственост на стратешки важни домашни ресурси. Ова не е став без основа, бидејќи има такви случаи какви што наведува документот на Европската комисија. Пораката до земјите од нашиот регион е да се придржуваат до одредбите на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ.
Кога веќе смета дека не е упатно земјите од Западниот Балкан да подлегнуваат на економски влијанија надвор од ЕУ, Европската комисија знае дека е потребно да обезбеди финансиски средства за помош на нашиот регион. Предложено е финансискиот инструмент IPA III со износ од 14,8 милијарди евра да биде вграден во следната финансиска рамка за периодот 2021 – 2027 година. Помошта ќе биде во линија со новата Стратегија за Западен Балкан и клучните приоритети поврзани со она што се бара за членство во ЕУ.
Кои се главните слабости на економиите од Западниот Балкан нотирани од Европската комисија во Политиката за проширување на ЕУ 2019 година? Најсеопфатна е перцепцијата дека треба да се реформира структурата на економиите, а таа реформа не се одвива со посакуваното темпо. Потоа, пазарот на работна сила има значителни слабости. Постои големо несовпаѓање помеѓу вештините што се нудат и вештините што се бараат на овој пазар , а тоа е придружено со висока невработеност на младите лица. Европската комисија упатува и на неповолното влијание на „сивата“ економија. Што се однесува до економскиот амбиент, тој е оценет како не многу пријателски, придружен од ниско ниво на иновации. Во основа, ова се слабости кои ги знаеме за македонската економија, а очигледно се распространети ширум нашиот регион. Проблемот е што тие постојат подолг временски период, што очигледно упатува на потребата од систематизиран пристап за нивно надминување.
Во секој случај, Европската комисија ни испраќа порака дека регионот е нашата иднина, барем за еден предвидлив иден временски период. Носителите на економските политики треба да размислат кој би бил прагматичниот пристап во вакви околности за да се извлече максимум полза за македонската економија и за граѓаните.