Како би гласала Кардашијан во Македонија?

1548

Не е лошо тоа што во Македонија забрзано се отвора дебата за реформа на изборниот модел. Многумина се надеваат дека преку таа дебата ќе се сопре изборниот „диктат“ на големите партии кои, со своите партиски кујни, ја намалуваат шансата на бирачите да влијаат врз изгледот на пратеничките листи што го нудат самите партии. Но и да се зголемат независните шанси на помалите партии кои, во нашиот изборен модел, за да добијат по некое пратеничко место, мораат да коалицираат и да се „пазарат“ во големите коалиции на неколкуте водечки партиски „диносауруси“, бидејќи и неколку десетици илјади гласови би можеле да им отидат во „ветер“ доколку се „лошо распоредени“ низ самостојниот настап во шесте изборни единици.

Во принцип, сите се согласни дека промената на сегашниот изборен модел – пропорционален, за парламентарни избори, со примена на посебна формула за распределба на мандатите според освоените гласови во 6-те изборни единици; и мнозински, за локалните и претседателските избори – ќе го ослаби влијанието на партиските лидери и на големите партии, но никој не е согласен зошто, како и што треба да се менува.

Би била долга и премногу стручна, а секако збунувачка, анализата за тоа што се последиците доколку се „отворат“ сегашните изборни листи (патем, и во тоа отворање, во различни земји има различни квоти и цензуси на отвореност, што само дополнително ја компликува расправата), но малкумина спомнуваат дека гласањето за имиња на отворени партиски листи по сосема слободен избор на гласачите е деликатен политички проект: меѓу другото, така добиените гласачки листи се долги и бараат висока политичка свест и информираност на гласачите, што оди тешко во земји во кои бројот на неписмено население или на она со само завршено основно образование изборите ги претвора во тешко изводлива мисија доколку навистина се бара нов квалитет и висок поединечен легитимитет кај така избраните пратеници.

Можно е, така, кандидирањата да се претворат во лични кампањи за добивање што повеќе гласови – „ќе се цени личноста, а не само партијата“! – но тоа во политиката, во комбинација со социјалните медиуми и новите технологии за комуникација, не гарантира подобар квалитет на човечкиот и политичкиот фактор на оние кои, на крајот, со помош на „Кардашијан ефектот“, ќе се најдат во Собранието. Не сум сигурен дека изборниот судир помеѓу „генерацијата на Фејсбук“ и „генерацијата на Инстаграм“ неопходно ќе резултира со квалитет што може да ви го даде темелното пребарување на Гугл…

Можеби партиските елити сега, општо земено, ни се омразени, но тие сепак имаат повисоко чувство од општата јавност за одредени, на пример, родови, старосни, регионални или професионални баланси кога ги составуваат изборните листи.

Ако тоа се искомбинира со една, наместо со сегашните повеќе изборни единици, не е јасно дали и колку ќе се зачува потребата и за етнички баланс во пропорциите на финално избраните пратеници, што е особено деликатен аспект на целиот политички систем во Македонија.

Зборот ми е, не дека некаква изборна реформа е непотребна или неизводлива. Општествата забрзано се менуваат, а изборните системи – како и уставите, впрочем –не се еднаш за секогаш издлабени во камен! Но таа реформа мора да биде, прво, предмет на дискусија меѓу експертите и во и вон политичките партии, а потоа, со јасни објаснувања и симулации, можните опции да се стават на „тапет“ за поширока дебата, за да се види што би се добило, а што би се изгубило со промена на сегашниот изборен модел.

Поинаков пристап би бил лицитација на аматерски пристапи, на лични фрустрации и на персонални амбиции, кои ќе ја „задушат“ одговорната дискусија за потребните промени.

Во напливот на глупавата – и никогаш во историјата на демократијата точна – идеја дека „демосот“ е оној што владее со демократската држава, луѓето или не знаат или намерно забораваат дека парламентот, во просек, е добро да е попаметен од народот, во просек. Бидејќи би било трагично просекот да ја одредува паметта на нацијата.

Навистина е прашање кој изборен модел, и какви корекции на овој, би го обезбедиле тоа во Македонија?

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...