Апелациониот суд во Скопје денеска ја потврди пресудата за две години затвор за екс премиерот Никола Груевски во случајот за набавката на блиндираниот „мерцедес“.
За да ја изготви одлуката Апелација има рок од 60 дена. Кога таа ќе стигне во Кривичен, според АКМИС системот, ќе заврши во рацете кај судија за извршување санкции, кој ќе треба да му испрати на екс премиерот упатен акт кога да се јави во затвор, најверојатно во Шуто Оризари каде се издржуваат затворските казни до 3 години.
Во одлуката судијата ќе мора да му одреди датум кој е најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот кога тој ќе го добие упатниот акт.
Сепак Груевски и неговите адвокати ќе можат преку вонреден правен акт да бараат преиспитување на одлуката во Врховен суд (бидејќи затворската казна е подолга од една година), но тоа не го одложува извршувањето на казната.
Паралелно тој може да побара и одлагање на извршувањето на казната за одреден период.
Спас од затвор може да му биде ако извршувањето на казната се одложи на одреден рок и во меѓувреме Врховен одлучи да ја укине пресудата и да го врати на повторно судење. Повторно судење нема да има зашто ќе застари делото.
Инаку, покрај за Груевски денеска Апелација донесе одлука и за казната на поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој исто така беше осуден во „Тенк“, на 6 години и 6 месеци затвор. Второстепениот суд му ја намали казната за две години односно на 4 години и 6 месеци.
Во предметот обвинета е и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, но за беа постапката беше раздвоена поради ризичната бременост. Околу два месеци по породувањето, на крајот на август започна и нејзиното судење, а пред првостепениот суд ќе заврши во понеделникот кога ќе биде објавена пресудата