Какви последици ѝ висат над глава на бунтовничката Мизрахи?

Според поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, ваквото однесување на министерката Мизрахи може да резултира со политичка, но и со кривична одговорност.

3597

Вербалната нота од Грција, како и острите критики од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, воопшто не ја поколебаа техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, и денеска да застане на прес-конференција пред банерот на кој е испишано старото уставно име на државата – Република Македонија.

Таа истакна дека воопшто не размислува да постави банер со друго име, ниту, пак, како што рече, стравува од евентуални последици кон неа или кон државата за непочитувањето на обврските од Преспанскиот договор.

– Ако сум прекршила некаков закон, тогаш прифаќам да бидам казнета поради таа моја постапка – изјави Мизрахи.

Димитров во неделата ја обвини Мизрахи дека ги загрозила интеграциските процеси на земјава и побара од техничкиот премиер Оливер Спасовски да предложи нејзино разрешување во Собранието. Реакција пристигна и од поранешниот грчки шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас, кој, пак, побара да ѝ се забрани на Мизрахи да патува во земјите од ЕУ.

Премиерот Спасовски вчера рече дека ќе разговара со министерката, па ако увиди дека партиските интереси се ставаат пред државните, тогаш ќе преземе мерки.

– Почитувањето на Уставот не е желба на кого било. Можете да си имате сопствени ставови до донесувањето на одлуките, но не постои дебата за почитувањето на Уставот. Сакам да поразговарам со министерката Мизрахи, да ги увидам фактите, па ако не наидам на разбирање и ако видам дека партиските интереси се над државните, тогаш ќе преземам соодветни мерки – порача Спасовски од Охрид.

Според поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, ваквото однесување на министерката Мизрахи може да резултира со политичка, но и со кривична одговорност.

Како што објаснува тој, премиерот Спасовски може уште веднаш да побара нејзино разрешување во Собранието, а тоа би значело дека нејзината функција би ја презела заменик-министерката за труд и социјала, Санела Шкријељ.

– Логично е да подлежи на кривична одговорност секој оној што ги злоупотребува државните симболи и што ја навредува државата. Но, со оглед на тоа што Рашела Мизрахи ќе биде министерка само до денот на изборите на 12 април, јас искрено не верувам дека ќе реагираат јавните обвинители. Во секој случај, премиерот Оливер Спасовски има право во секое време да побара нејзино разрешување во Собранието, а за такво нешто е потребен 61 пратенички глас. Ако дојде до разрешување, тогаш местото на Мизрахи ќе го преземе нејзината заменичка Санела Шкријељ – вели Петковски за Плусинфо.

Фото: Принтскрин/Видео

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...