Владата на денешната 82. седница ги разгледа информациите за склучување договор за доделување финансиска поддршка според Законот за финансиска поддршка на инвестиции со повеќе од 100 компании во Република Македонија, согласно кој за прв пат за оваа финансиска поддршка можеа да аплицираат и домашните компании.
Како што е наведено во соопштението од владината прес-служба, со договорите за доделување на финансиска поддршка кои се одобрени на денешната седница на Владата, се исполнува првата фаза, по што ќе следуваат наредните кога компаниите ќе мора да ја докажат реализацијата на инвестициите, по што ќе следува исплатата на одобрените средства до крајот на оваа година.
Како дополнителна одлука, Владата го донесе заклучокот дека компаниите кои се стекнале со право за финансиска поддршка, треба да достават потпишана изјава за конфликт на интереси како дел од документацијата опфатена со договорот.
Владата денеска ја разгледа и усвои информацијата за одбележување на годишнината на потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Истовремено го задолжи Секретаријатот за европски прашања да дефинира програма и технички детали за спроведување на програмата како и да ги превземе сите други активности за организација и одбележување на овој настан.
Владата на денешната седница ја усвои Информацијата за состојбата со правичната застапеност на вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) на РМ, и ја задолжи УЈП да изготви План за подобрување на состојбата на правичната застапеност на вработените во УЈП преку преземање на одреден број на вработени од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот Договор согласно квалификациите и согласно донесената одлука на Влада на РМ, како и да изготви акционен план за да се спроведе подобрување на правичната застапеност на вработените.
На денешната владина седница е усвоена усогласената листа на предлог проекти за финансирање со кинеска грант помош во рамки на потпишаните Договори за економска и техничка соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина составена од предлог проектите „Зајакнување на капацитетите на службите за здравствена и социјална заштита во Република Македонија”, како заеднички предлог од Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика и „Подобрување на квалитетот на научно истражување на академскиот кадар и унапредување на образованието во областа на молекуларната биологија како резултат на донација на опрема за Лабораторијата за молекуларна биологија”, како предлог од Лабораторијата за молекуларна биологија на Природно – математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Владата го утврди и Предлог-законот за гаранција на Република Македонија на обврските по финансискиот договор, наменет за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти – В фаза, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Македонската банка за поддршка на развојот, со одлука да го поднесе до Собранието на Република Македонија.
На предлог на Министерството за здравство Владата денеска ја разгледа Информацијата за потребни вработувања и за обезбедување финансиски средства за тие вработувања во ЈУ Здравствен дом Скопје.
Владата го усвои и Предлог-законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата за да се овозможи правото на материјално обезбедување да се оствари без разлика дали работниот однос склучен по користењето на паричниот надоместок по основ на невработеност, бил на определено или неопределено време и дали престанал е по волја и вина на работникот. На овој начин ќе се овозможи материјално да бидат обезбедени дополнителни 1.600 невработени лица.
Владата денеска го усвои Предлог – закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на патната делница Крива Паланка – Деве Баир (граница со Бугарија), кој ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и ЈП за државни патишта, за да се обезбеди натамошна реализација на овој проект во должина од 13 километри.
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за склучување Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2018 – 2021 година, и го овласти министерот за култура, Асаф Адеми, да ја потпише Програмата за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2018 – 2021 година.
Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информација за времена комунална депонија во Општина Кичево, и го задолжи АД ЕЛЕМ да обезбеди место за времено складирање на комунален отпад на некоја од локациите на ископите на ТЕЦ Осломеј Кичево, кои тоа го овозможуваат.