Новиот закон за јавно обвинителство денеска ќе помине на владина седница, по што ќе се достави до Собранието каде, пак, ќе требаат 80 гласа за да се донесе законското решение со кое се решава и судбината на СЈО.
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека поддршка ќе се бара и од ВМРО-ДПМНЕ и од исклучената осумка, како и од албанските опозициски партии.
Двотретинско мнозинство сѐ уште не е обезбедено, засега сигурни се само гласовите од СДСМ, но и од ДУИ, кои според партиски извори, дале зелено светло. Оттаму најавуваат дека би го поддржале законот таков каков што ќе го предложи Министерството за правда. Од пратеничката група на осумте независни пратеници, кои произлегоа од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека нема причина да не го разгледаат законот, но не сакаат да го коментираат додека тој не стигне до нив преку Собрание.
Сепак, токму во нивните редови, од владејачкото мнозинство во Парламентот, како што беше случајот и со уставните измени, го гледаат спасот ако не се убеди најголемата опозиција.
Ставовите, пак, на ВМРО-ДПМНЕ за СЈО се јасни. Меѓу другото, тие се противат „бомбите“ да бидат доказ и бараат Катица Јанева да не го води ова обвинителство.
Во законското решение кое го спастрија во Министерството за правда се чини дека делумно ваквите позиции се отсликани бидејќи, според неофицијални информации, во предлог-законот „бомбите“ на СЈО ќе се користат само како индиции, но не и како докази пред судот. Засега, тие ќе бидат доказ во предметите за кои се покренати обвиненија пред истекот на рокот од 18 месеци, односно 30 јуни 2017. Тоа би значело дека во останатите предмети „бомби“ нема да се пуштаат во судниците, а обвинителите пред судиите ќе докажуваат вина само со други докази.
Официјална презентација на она што го предлагаат од ресорот на Рената Дескоска се очекува денеска или утре, но министерката минатата недела во изјава за медиуми веќе ги кажа контурите на законот со кој СЈО треба да биде разграничено од другите обвинителства и особено од Обвинителството за организиран криминал и неговата надлежност, покрај на започнатите случаи, ќе се фокусира на гонење висока корупција.
– СЈО е разграничено од другите обвинителства и особено од Обвинителството за организиран криминал, со тоа што ја фокусиравме неговата надлежност на гонење на висока корупција. Значи, не сите дела што би ги вршеле функционери, туку оние што се поврзани со нив за корупција, како попречување на правда, влијаење врз сведоци… Тоа беше една од препораките што ја добивме од меѓународните експерти дека е добро да врземе само висока корупција со цел да не се разводнува работата – изјави Дескоска.
Во новото законско решение во однос на мандатот на обвинителите од СЈО, Дескоска рече дека во консултацијата со експертите било посочено да се размислува за мандат од една до две години.
Photo: EPA-EFE/Georgi Licovski