Српскиот политичар Никола Пашиќ, некаде кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, во неколку наврати бил претседател на владата на тогашната држава Србија.
Најголемиот мотив, пак, на секој политичар отсекогаш бил да добие мандат. Вториот и уште поголем мотив бил да добие уште еден мандат. И така, Пашиќ, откако ги одработил двата мандата, пред избори, ги натерал своите министри да се растрчаат низ државата и да приберат мислења за тоа што му е потребно на народот.
Пред да ја почне изборната кампања, Пашиќ ги собрал своите министри и тие почнале да реферираат. Најгрлат бил министерот за образование, велејќи дека условите во училиштата се очајни и дека луѓето бараат повеќе да се вложува во образованието.
Пашиќ внимателно ги ислушал своите министри, малку се подзамислил и го прашал министерот за правда во каква состојба се затворите во Србија. Откако министерот му кажал дека затворите се во очајна состојба, Пашиќ му вели: „Слушајте ваму, веднаш поправете ги затворите, зашто ние тешко дека ќе ги добиеме изборите, а после тоа ние нема да одиме повеќе на школо“.
Ете така, овде на секој како што си заминува од власт, веднаш му се насмевнува затворот. Тоа е така, зашто системот не реагира правоврмено, туку реагира дури откако политичарите до крај ќе ја заглават.
Сето тоа наведува на фактот дека ние немаме правна, туку имаме револуционерна држава. Правната држава воспоставува одредени правила на игра кои важат секаде, секогаш и за секого. Така воспоставените правила мора да важат и за господарот и за говедарот. Истовремено, законите коишто се носат треба да бидат разбирливи за обичните луѓе.
Интересно е, да речеме, како своевремено во Австро-унгарската монархија, се носеле новите закони. Штом ќе се подготвел законот, работната група задолжена за изработка на новиот закон ќе поканела неколку обични граѓани, ќе им го прочитала законот и ќе ги прашала дали законот им е јасен и разбирлив. Со оглед на едноставноста и откако поканетите ќе потврделе дека го разбрале законот, истиот одел на усвојување.
За разлика од претходниот пример, кај нас, ако треба да се донесе некаков закон, ќе се организира неколкудневен семинар во Охрид, па експертите од цела Македонија цела недела ќе ги толкуваат одредбите од него. На крајот ќе се поделат хонорарите, па откако сите добро ќе се најадат и напијат, ќе се приберат дома, без да објаснат како тој закон ќе го разбере обичниот грѓанин, кога и тие самите не успеале да го разберат.
За разлика од првната држава, револуционерната се раководи врз одредени револуционерни претпоставки, еуфории, егзалтации. Тоа е карактеристика на недовршените држави и за државите без континуитет. Во нив работите постојано се движат од една крајност во друга. Од еуфорија до агонија. Ќе го дигнеме водачот до небеса, па после ќе го треснеме од земја.
(ФБ статус на авторот)