Каква беше хронологијата на настаните во „Империја“ и „Рекет“?

2257

Снимката која утрово ја објави „Ла Верита“ како осомничените во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец, излегуваат со ташна „Луј Витон“ од домот на бизнисменот Орце Камчев, е само продолжение на низата официјални и неофицијални информации кои изминатиот период ја брануваа јавноста.

На видео-снимката каде се бројат пари не се појавуваат цели ликови туку раце од машко и женско лице кои ги пребројуваат и прават пресметки на лист хартија. На вториот дел од видеото, кој е од безбедносните камери во домот на Камчев, пак се гледа датум од 20 февруари 2019 година. Тоа е на помалку од две недели пред бизнисменот да биде пуштен од притвор за случајот „Империја“.

Каква беше хронологијата на настаните околу случаите „Империја“ и „Рекет“ врз основа на информациите кои се познати досега?

На 9 ноември 2018 СЈО преку соопштение објави дека отвора истрага под кодно име „Империја“ во која осомничени се 13 лица, меѓу кои и Орце Камчев, Цветан Панделески и Сашо Мијалков, товарејќи ги за низа кривични дела: злосторничко здружување, измама, перење пари… Тогаш, се приведени и петмина од осомничените за кои СЈО бара мерки за обезбедување присуство. Меѓу нив е и осомничениот во „Империја“, а сведок во „Рекет“, Камчев.

Ноќта помеѓу 9 и 10 ноември 2018 тие се изведуваат пред судија на претходна постапка од кого добиваат по 30 дена притвор.

Паралелно во тој период – ноември 2018, како што беше презентирано од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, почнуваат активностите во „Рекет“ на Боки 13, кој важи за близок со Катица Јанева, и на Зоки Кичеец кој бил човек за врска – ги договарал средби. Како што соопшти Обвинителството, договорот со Камчев тие го прават за 8 милиони евра во замена да запре постапката против него во „Империја“ или 5 милиони ако не се успеа во тоа туку му се обезбедат „олеснителни околности“. Од договорената сума се исплаќаат 1 милион евра, а останатите 4 требало да се платат на четири месечни рати.

По нецели два месеца, на 27 декември 2018, Камчев заедно со другиот осомничен бизнисмен, Панделески, излегуваат од „Шутка“ и добиваат домашен притвор, а на тоа не се противи ниту СЈО. Јанева во интервју за Канал 5 подоцна ќе излезе со образложение дека биле собрани доволно докази и оти е добро за реформите тие да заминат во куќен притвор.

Паралелно со ова тече постапка за покрената иницијатива пред Врховниот суд за предметите на СЈО отворени по истекот на рокот од 18 месеци кои го добија специјалните обвинители. На 30 јануари 2019, врховните судии носат начелно правно мислење наведувајќи дека СЈО не е овластен тужител за тие случаи.

На 6 февруари СЈО бара продолжување на куќниот притвор, а ден подоцна Апелација го продолжува.

На 20 февруари 2019, ако се суди според снимката и текстот објавени од „Ла Верита“, Боки 13 и Зоки Кичеец земаат пари од Камчев кој во тој период е во домашен притвор. Во аудио-снимката која ја објави денеска италијанскиот весник, се слуша како наводно осомничениот Јовановски му кажува на бизнисменот дека во понеделник или најдоцна во вторник Камчев ќе биде ослободен и оти Катица Јанева нема да одолговлекува со вонредни правни лекови.

На 4 март 2019, што се падна во понеделник, Камчев беше ослободен од Врховниот суд.

Во периодот од околу два месеца, од крајот на декември 2018 до 4 март 2019, кога Камчев е во куќен притвор бара да се види и со обвинителката Вилма Русковска, но таа одбива бидејќи, како што изјави во интервју за Канал 77, ќе морала да го извести и СЈО чиј осомничен е тој.

Во април стигнуваат и првите гласови за „Рекет“ до Русковска. Прв, рече таа, ги известил премиерот Зоран Заев откако на него му се пожалиле бизнисмени, а Русковска му одговорила дека тој што пријавил кај него да отиде и да пријави во обвинителството.

Откако во Обвинителстовото за гонење организиран криминал и корупција и официјално се пријавува случајот, на 2 мај 2019, се отворила предистражна постапка која на 15 јули 2019 завршува со наредба за отворање истрага со двајца осомничени, Боки 13 и Кичеец, кој во моментов се во 30-дневен притвор во „Шутка“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...