Казна од 350 евра ако во Брисел денес се движат возилата што најмногу загадуваат

213

На дизел возилата од стандардот Еуро 2 и на возилата на бензин Еуро 0 и Еуро 1 од денеска им е забрането движење низ Брисел и целиот бриселски регион, а казните за непочитување на оваа забрана изнесуваат 350 евра.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, оваа одлука е дел од прогресивните мерки на забрана на движење за возилата што најмногу загадуваат. Со овие мерки се предвидува до 2025 година да бидат забранети сите дизел возила, освен оние со Еуро 6 стандардот, како и возилата на бензин од стандардите Еуро 3 до Еуро 6. Според стратегијата на владата, до 2030 година треба целосно да бидат забранети сите дизел возила.

Забраната важи и за возилата со странски регистарски таблички, кои имаат обврска да се најават на интернет или да побараат изземање од забраната, бидејќи во спротивно ќе се соочат со казна од најмалку 150 евра. Роковите за процесуирање на барањата за изземање можат да бидат многу долги и да траат повеќе од два месеца, предупредуваат бриселските власти.

Брисел со овие постепени забрани се надева дека ќе успее да го намали загадувањето на воздухот, за кое возилата носат голема одговорност.

Трендот на ограничување или забрана на возилата што најмногу загадуваат зема замав во речиси сите големи европски градови. Париз, на пример, планира да го забрани целосно дизелот до 2024 година, а слични планови се спроведуваат во Рим, Атина и други метрополи.

Според невладините организации за заштита на животната средина, како Гринпис, ефектот на овие забрани ќе се рефлектира и на бензинот.

– Потребно е да се креираат алтернативи за чистење на центрите на градовите од загадувањето. Луѓето сѐ повеќе живеат во градовите и страдаат од аерозагадувањето. Затоа итно се потребни забрани на дизелот и на бензинот и воведување на алтернативни решенија – изјави претставник на Гринпис.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...