Кажи нешто….предвреме

1514

Овој текст подолу го напишав неодамна, ама не го довршив и го оставив незавршен на ајпадот. Причината е едноставна. Сашо, додека речеш пиксла, напишал колумна на добар и елоквентен начин од „11 па до поноќи”. И отиде мојата поента. Сепак деновиве ја завршив и еве ја подолу во целост без промена на времето на збиднувањата.

Ми остави впечаток неодамнао словенечкиот амбасадор. Вели, не разбирам зашто мора да чекате да почнете преговори со ЕУ,па потоа да ги решавате еколошките проблеми? Пред сѐ, мислеше на ѓубрето, шутот, изметот и загадувањето.

Ме потсети на еден колега, француски консултант, кој одамна работеше на Косово. Вели, на влезот на Приштина има едно место на кое кој ќе стигнел фрлал ѓубре и шут. И тоа баеѓи ѓубре. Виделе од Канцеларијата на ЕУ во Приштина, створиле донација од Брисел, го исчистиле ѓубрето, делувајќи едукативно на граѓаните. Бар така мислеле дека позитивно делуваат. Притоа, ставиле и голем билборд на местото, велејќи „…со донација на ЕУ, ова место е исчистено…“.Така некако. Реакцијата на граѓаните била уникатна. Аааа!…Супер!! Значи ова место ќе го чисти Брисел! Утредента на тоа место имало двапати повеќе шут и ѓубре. Ова е реална прикаска од животот, која ја слушнав од колегата додека ручавме.

За викендов Мериот хотелот во соработка со шведската амбасада организирале Plogging. Тоа ви е додека трчате, патем да собирате и ѓубре. Типична шведска практичност. Од тоа што го видов на најголемиот македонски медиум таканаречен ФејЦбук, посетеноста и не беше на некое завидно ниво. На пример, не го приметив министерот за финансии, кој е секогаш Прв До Врв или трча на буџетскиот Визер маратон. Можеби затоа што овде се собира успат и ѓубре.

Не приметив дека некој од градоначалниците е присутен. Можеби знаат дека ќе има и други прилики. Како однапред да го прочитале постот на Тричковски на ФејЦбук кој вели: „Денес Шведска чистеше, нека се подготви Данска! Можеби ја чекаат Данска? Чекајќи, на ред ќе дојде и Холандија. Е тука, може да имаме проблем! Ќе се најде некој паметен таму и ќе предложи: Мислам дека наместо да одиме да им чистиме, да им напишеме пак Нон-Пејпер? Ѓубрето, шутот и изметот на миленичињата-магариња е исто така дел од (не)капацитетот на владеењето на правото. Па ќе рече, имаме многу елементи за Нон-Пејпер. Дури и бесните мотори на Партизанска можеме да ги ставиме. И тоа е владеење на правото.

Сѐ на сѐ, имам впечаток дека скопскиве градоначалници се однесуваат како со сила некој да ги пратил на привремена работа во локалната самоуправа. И им ветил по истекот на мандатот ќе ги врати пак во ЦК да агитираат за Европа и европските вредности.

Имам разбирање што не беше премиерот. Службите велат имал средба со едно многу популарно ново НГО тие денови, таканаречено Подржувачи на А4 форматот на Хартијата за Печатење. Можеби од ѓубрето, шутот и изметот можеби не, ама од бројот на нго-истиве во државава најверојатно ќе се угушиме.

На ФејЦбук не приметив и многу други групировки. На пример, незабележливо беше присуството на Анима Мунди. Особено на нивното радикално крило, таканаречено Анима Дунди. Тие имаат најголема обврска да трчаат и собираат ѓубре оставено од нивните миленичиња- магариња. Секој ден оставаат по кило измет секое низ градот.  И не го собираат позади себе.  Можеби затоа што се премногу зафатени со лежење на асфалти низ градов и борејќи се за поголеми човекови права на нивните миленичиња- магариња.

Не го приметив присуството ниту на една голема секојдневна колонија,така наречена Дебар Маало Colony која глуми групировка на неразбрани интелектуалци, секој сам со себе.

Интересно, но не и изненадувачки, не беше присутна ниту групировката на левите вечни патриЈоти. Веројатно чекаа да видат дали да се приклучат или не, како секогаш овие 30 години. Тоа е многу рационална јавна и влијателна групировка која води и текако сметка дали да се приклучи или да почека. На пример чест на исклучоци, сите чекаа и сите беа јавно против  промена на уставот заради името и потоа никој јавно не кажа дали гласале против или бојкотирале на 30 септември. На најголемиот маќедонски медиум, ФејЦбук, се е видено и евидентирано. Не е реално од оваа групировка да очекувате да трча и да собира ѓубре.Ама замислете, само овие погоре три групировки јасно да гласаа ЗА на 30 септември, можеби ќе се задоволеше и техничкиот критериум на референдумот и сега опозицијата не мораше да се глупира и кубе коси за Македонија Цела Да Е!! Затоа тие сега седат од страна и не трчаат и не собираат ѓубре. Доволно ѓубре, особено ментално, направија за една декада, па таман работа сега да го собираат! Успат и кајмакот го однесоа.

Ми избега мислата во дигресии. Зборот ми беше за Нон-Пејперот. Па се сетив на еден стар добар скопски виц. Вицот вели: млад доктор практикант прави интервју со пациент од Бардовци, и го прашува, зашто сте тука? Пациентот изнервирано: Зашто сме тука?! Затоа што сме у мањина!! Будалите се надвор! Затоа што се веќина и не затворија овде!! Така е и со овој нов потенцијален Нон-Пејпер. Будалите не веруваат. Им се може, тие се у веќина.

———————

Забелешка-Јас сум Близнаци во хороскоп. Овој текст го пишуваше мојот близнак,така да не превземам никаква одговорност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...