Каде му е апаратот на Мицкоски?

Можно ли е сето тоа што се случи и што се изговори во изминатата година да не го натера Мицкоски да подзастане и да се послужи со тоа за кое тврди дека добро му оди – науката? Да го употреби мозокот, тој фантастичен апарат во кој се одвиваат процеси што се подведуваат под поимот – мислење... Можно ли е универзитетски професор од областа на егзактните науки да си дозволи да не мисли?

1806

Не му е лесно на Мицкоски. А и како би му било?

На кутрото, разединето и десеткувано ВМРО-ДПМНЕ и на неговиот актуелен портпарол Мицкоски, постојано им сервираат некаков избор, бараат од нив да се вразумат, да бидат конструктивни… Отворено говорат дека бојкотот што го спроведува вемерето е „доказ за недостаток од демократска зрелост“ (Јоханес Хан, во австриски Стандард)… И оној, пак, Жозеф Дол, претседателот на Европската народна партија (ЕПП), не можеше да се воздржи, па твитна дека е „разочаран од улогата на опозицијата во процесот досега, конструктивната соработка мора да надвладее над бојкотот“…

Згора на сѐ, германската канцеларка Меркел, една од најмоќните личности во светската политика, одвои уште време за да му пишува писма на премиерот Заев, па му вели дека „Спогодбата отвора шанса за историски договор и зајакнување на добрососедските односи. Притоа, се отстранува од патот и една важна пречка за приближувањето на Вашата земја кон ЕУ и НАТО. Сега е важно да се преземат следните критични чекори за имплементирање на договорот за името, со тоа што парламентот ќе одлучи за неопходните уставни измени“. Остај тоа, таа уште и отворено ја изразува својата радост што и понатаму „ќе работи на остварување на оваа цел“.

Па тука беа и остануваат со својата поддршка Американците, иако сѐ уште е неизвесно дали Трамп знае за поддршката што највисоки претставници од ресорите за надворешни работи, одбрана и други, прават за Македонија овие денови.

Веќе никој не се воздржува да ги нарече нештата со вистинското име, па така и за Хорхе отворено се пишува и говори дека тој „ги застапува руските интереси“ во Македонија. Конечно! Кликата на Путин веќе одамна влезе во отворена битка против Македонија, против аспирациите за кои декларативно се залагаа и најголемите вемеровци, вклучувајќи го Мицкоски, против потребата нашата земја да се стабилизира и напредува. Редно беше демократскиот свет отворено да се спротивстави на ова агресивно однесување. Се разбира, Кремљ тоа го претставува како грижа (за ланскиот снег), па се дрзнува и да спинува, обвинувајќи дека „водечките политичари на Европската унија и на Западот отворено агитираа граѓаните да гласаат ЗА, што е недопустлива пракса, според нас“ (Марија Захарова, Портпаролката на руското МНР). Бре! Шта ми наприча?!

Што им направи овој Заев на сите тие светски политичари? Како успеа да ги стави на своја страна и на страната на Македонија сите тие светски „дрматори“? Одеднаш, дури и менторите, пријателите и „природните“ политички сојузници на ВМРО-ДПМНЕ се на страната на Заев и на македонските интеграциски процеси.

Можно ли е сето тоа што се случи и што се изговори во изминатата година да не го натера Мицкоски да подзастане и да се послужи со тоа за кое тврди дека добро му оди – науката? Да го употреби мозокот, тој фантастичен апарат во кој се одвиваат процеси што се подведуваат под поимот – мислење… Можно ли е универзитетски професор од областа на егзактните науки да си дозволи да не мисли?

Изгледа да. Во случајот Мицкоски, изгледа дека неговиот апарат за мислење не е меѓу неговите рамена, туку меѓу рамената на Груевски. А тој, за дваесетина дена, како што рече првата дама на СЈО, се очекува да го започне својот долг затворски престој.

Ај, Мицкоски го дал апаратот под наем (или му го ќариле во покер на соблекување), ама не е ни тој толку важен во овој момент. За некој ден ќе биде како стар број на весникот „Вечер“…

Сега е поважно едно друго прашање: Имаат ли пратениците во Собранието апарати за мислење? Ако имаат, сигурно ќе сфатат дека, какви и да се заканите, макар и по нивниот живот (тоа е извесно, иако сѐ уште непотврдено), не се доволно сериозни. Моќта на оние што се закануваат овие денови е еднаква на моќта на тинејџерска хулиганска група што се решава со една заушка. Да. Под тоа се подразбира и заканата од руското крими-политичко подземје и надземје.

Ништо од тоа не е ниту значајно, ниту големо, како што нема ништо достоинствено во предавството на стратешките интереси на сопствената држава. Ништо не може да се спореди со неповторливата и колосална поддршка и доверба што ја ужива Македонија сега. Сега и никогаш повеќе.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...