Каде бевме, а каде стигнавме!

Мислам дека од нив посериозни подготовки за акција направи едно женско друштво вљубено во Ципрас, за што сум ексклузивно информиран, чии членови имаа сериозен план барем некој прслук да фрлат на црвениот тепих за време на престојот на Гркот во Скопје.

2504

Успехот на посетата на Ципрас на Скопје има две димензии.

Едната е инстантна: Заев и грчкиот премиер беа на насловните страни или во врвот на вестите на најголемиот број релевантни европски, па и воневропски, медиуми, од сите технолошки и уредувачки деноминации, „избањати“ во позитивни пораки и политички комплименти за широките („ортодонтски“) насмевки на нивните соседски лица. Тоа, патем, уште еднаш потврдува дека кога водите добра меѓународна политика, не ви требаат десетици милиони евра за закупени реклами со кои ќе ја промовирате татковината како туристичка или бизнис дестинација. Така рекламата ви доаѓа гратис.

Само македонската опозиција и локалните ситничави фејсбук-мрчатори останаа разочарани од овој извонреден меѓународен одек. Можеби не е лоша идејата сите тие малку повеќе да се занимаваат со практикување јога, малку да ја врамнотежат непримерната експанзија на своите политички суети и лични фрустрации.

Фотографијата со селфито на премиерскиот дубл – одличен пропаганден потез, кој и да го смислил – го обиколи светот, а секако ќе заврши и во досието на Нобеловиот комитет (sic!).

Втората димензија е среднорочна и треба да ги покаже реалните ефекти од големиот оптимизам за идната грчко-македонска соработка, економска и политичка. Се чини дека Ципрас, и во својата домашна политика, сè фрли на картата со спектакуларниот напредок на односите со својот северен сосед, создавајќи капитал што ќе биде тешко, дури и ако ја изгуби власта во Грција, да биде значително дезавуиран. Владата на Ципрас, и над очекувањата на своите македонски домаќини, покажува искрена желба и практични напори да биде наш европски промотор, без можност нешто од тие конкретни детали овде и да се прераскажат.

Парадоксално, Грција триесет години подоцна го препознава регионалниот потенцијал од соработката со (Северна) Македонија, што можеше да ја промени економско-политичката географија на Балканот доколку се случеше на почетокот од деведесеттите. Но, во политиката, за некои процеси е потребно време и не е секогаш за кого е речено, туку за кого е печено.

Она што ми е трајна мистерија е како целата посета на Ципрас не помина со никакви протести – онаа дузина на десперадоси со развеаното сонце од Вергина не заслужува да се третира сериозно – заради Преспанскиот договор и целиот толку „трагичен“ последователен развој на настаните? Толку ли ги мрзи овие нашиве парадни националисти, кои срцепарателно крварат по фејсбук во количества на водопадите на Нијагара, да се прошетаат по прекрасното пролетно „сонце на слободата“ до првиот кордон пред владината зграда на „режимот“ и барем малку да си ги пробаат гласните жици, макар пеејќи ја за инает неотсвирената македонска химна?! Ако сега не – кога, бе, клапчовци?!

Или чекаат Гога-јога навистина да победи на претседателските избори и со уникатната уставна вадемекум „клаузула за непроменливост“ да го поништи грчко-македонскиот Договор, додека они комотно си седат во топлинки дома (и блујат храбри навреди и под овој текст на интернет), самозадоволувајќи се со постовите на пребеганиот лидер во Будимпешта?

Ништо. Тапа. Обични епизодни, салонски кокошкари.

Мислам дека од нив посериозни подготовки за акција направи едно женско друштво вљубено во Ципрас, за што сум ексклузивно информиран, чии членови имаа сериозен план барем некој прслук да фрлат на црвениот тепих за време на престојот на Гркот во Скопје. Па и тие се откажаа во последен момент, од елементарна пристојност, кога слушнаа дека Ципрас доаѓа овде со својата долгогодишна невенчана партнерка…

Каде бевме, а каде стигнавме! И оваа историја ќе ја пишуваат победниците.

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...